Фолк музичарот Јордан Митев во октомври заминува во Австралија, каде ќе одржи турнеја која ќе ги опфати поголемите градови. Првиот најавен концерт е во Сиднеј, на 13-ти октомври, а последниот треба да се одржи на 18-ти ноември во Перт.
Настанот е во организација на Република Ентертејнмент, и на нивната страница може да види дека повеќето концерти на Митев биле веќе распродадени, или пак останале мал број на влезници.
Цените на истите, во зависност од местото каде настапува музичарот, се движат од 50 до 55 долари.
Јордан, кој по потекло е од Подареш, Радовиш, е присутен на сцената околу две децении, а неговите концерти во дијаспората се едни од најпосетените.
Минатата недела се најде во центарот на вниманието на јавноста, бидејќи беше најавен како музички гостин на настан организиран од СДСМ Кисела Вода во Пеленица, по повод Денот на независноста на Македонија.
Голем број на наши иселеници бурно реагираа на социјалните мрежи, означувајќи ги најавените пејачи, и им се заканија дека ако пејат на настанот, ќе бидат бојкотирани во Австралија.
Митев го откажа учеството и образложи дека не знаел дека станува збор за партиски настан.
Неговиот колега Благоја Грујовски пак, пееше во Пеленица, а за „Фокус” изјави дека уште на почеток знаел кој го организира настанот, но според него музиката не треба да се меша со политика, бидејќи музичарите не го делат народот партиски, туку пејат за сите Македонци.
И тој треба да замине на новогодишна тунеја во Австралија, а периодов се актуелни објави од наши иселеници кои повикуваат на бојкот на неговите настапи.
Вики Клинчарова