Поради здравствени причини и извршен хируршки зафат изминативе два месеци сум во мирување. Повлечен сум, во овој период најважно ми е да ја насочувам енергијата кон суштински нешта. Навлегување во теми кои ми носат негативна енергија или пак да се обидуваш нешто да појасниш некому, кој не сака да сфати е само губење на време. Примитивните муабети ми донесоа само стресови, а моите непријатели не заслужуваат да изгубам ниту една минута повеќе во животот размислувајќи за нив или пак одвојувајќи време за нивните провокации – за „Фокус“ раскажува популарниот фолк музичар Јордан Митев.
Тој периодов закрепнува од хируршкиот зафат и е посветен на своето здравје. Вели дека со години наназад бил мета на напади, дури и од негови колеги, но сфатил дека напразно е да губи време со појаснувања и решил целосно да ги игнорира сите негативни работи кои доаѓале до него.
Имено, пред неколку месеци Митев за ,,Фокус” изјави дека доколку кризата поради пандемијата потрае долго и остане актуелната забрана за настапи, не се срами да работи нешто друго, освен музицирање, за чесно да заработува за живот. Тогаш се најде на мета на напади од многу негови колеги, кои го обвинија за неколегијалност, тврдејќи дека повеќето од нив не би можеле никогаш да се занимаваат со нешто друго, освен со музика и треба да се солидализира со нив.
Музичарот кој е еден од најбараните кога се настапите кај дијаспората во прашање, деновиве ги донирал и средствата кои владата ги додели како помош на околу 730 естрадни работници. Веста дека ќе ги донира финансиите ни ја откри Горјан Стојановски, претседател на ЗЕУМ, а Митев вели дека тоа е нешто околу кое не би сакал да се прави медиумска експонираност.
-Да, средствата завршија таму каде што сметав дека се најпотребни. Нема потреба од објавување на детали, на фотографирање, треба да се мисли на достоинството на секој човек. Не би сакал повеќе да зборувам за тоа, кога се помага тоа се прави во тишина и нема тука место за експонирање – појаснува музичарот.
Додава дека периодов најпотребен му е мир и не сака да се занимава со непотребни работи.
-Уморен сум од негативности и жално е што кај нас добар дел од народот се храни со нечија мака. Уште пожално е тоа што ретко кој простува туѓ успех, дури и кога е спечален со чесна работа, многу труд и откажувања… Но, не сум човек кој некому би посакал зло, нека бидат живи и здрави и непријателите. Ми следи период на опоравување, а потоа се надевам во нови успеси и со позитивна мисла, само напред – ни раскажа Митев.
Вики Клинчарова