Во екот на туристичката сезона секоја година во Охрид на стадионот ,,Билјанини извори” има навала од концерти на балканските музички ѕвезди. Во минатите години таму продефилираа Цеца, Аца Лукас, Северина, Марија Шерифовиќ, Дино Мерлин, Горан Бреговиќ…
Ова лето, покрај концертите на Жељко Јоксимовиќ, Раста и Маја Беровиќ, свој концерт одржа и кичевчанецот Влатко Лозаноски – Лозано, со што се вброи во ретките Македонци кои имале солистички концерт на стадионот, чиј капацитет е 2.500 седишта.
Само два дена по Илинденскиот концерт на Лозано, и фолк пејачот Јордан Митев најави свој мини концерт на ,,Билјанини извори”. Но, не на популарниот стадион, туку во ресторанот во склоп на комплексот. Традиционално, стадионот ,,Билјанини извори” е на некој начин резервиран за пејачите од странство. Нашите музичари, посебно од фолк сцената, кои се доста популарни во дијаспората, не одржуваат концерти на стадионот, особено во период кога градот е полн со туристи.
Околу тоа која е причината поради која македонските пејачи кои имаат редовни настапи и повеќе албуми зад себе, не се ,,сјуначиле” да се обидат да го наполнат стадионот во Охрид, Митев вели дека кај нас се нешто се крпи и лепи, и никако не може да се создаде здрава премиум класа на сцената. Додава дека сепак, нивото на естрадата е едно од огледалата на секое општество и како најчесто подршката завршува кај непрофесионалните.
-На четврти август настапив во Охрид, во ресторанот ,,Билјанини извори” со мојот придружен оркестар. Мислам дека беше одлично, но сепак тоа најдобро го знае и треба да го каже публиката која присуствуваше на настанот. Околу редовните настапи на стадионот ,,Билјанини извори” на пејачи од соседството, да, нас често не посетуваат музички ѕвезди од страна кои очигледно добро поминуваат, со оглед на тоа што секогаш се враќаат овде. Тоа е добро и не гледам ништо лошо или негативно во тоа. Работат луѓето, освен тоа, имаат и квалитет.
Нешто што мене лично ми смета, што некако тешко ни оди на нас, домашните, овде. Можеби за тоа има повеќе причини кои навистина не би сакал да ги коментирам во детали бидејќи и да ги искоментирам на многу малку им е важно тоа што можеби јас ќе го кажам. На кратко, сметам дека сме мали и во таа маленкост на вистинските не им се дава вистинска поддршка туку се сомелени од оние ситните, безкурполозните, непрофесионалните на кои им одговара сите да се ситни, како нив. Не знам што да кажам, ние сме некаде заглавени, а и самите не знаеме каде. Не успеавме да создадеме добра, здрава премиум класа, некако ми се чини како да е се крпи – лепи, впрочем како и се останато. Едно од огледалата на нашето општество е и нивото на естрадата – раскажува Митев.
Тој вели дека со години наназад работи посветено и професионално, а наредната година се подготвувал за јубилеј, петнаесет години на сцената.
За концерт на стадионот ,,Билјанини извори” не размислувал во скоро време, но затоа пак планирал поголем настан во Скопје.
-Јас сум човек со големи амбиции и тие амбиции ме донесоа до овде, можеби не многу високо во споредба со балканските ѕвезди, но солидно за наши стандарди. Следната година ако сме здрави и живи ќе го прославам роденденот од 15 години на мојата кариера и ќе се потрудам да направам нешто поголемо, нешто подостојно за еден професионалец. Тоа ќе биде во Скопје, но за деталите уште е рано да откривам – ни изјави Митев.
Вики Клинчарова