Со оглед на тоа што самиот е пејач, а во исто време и автор, тој вели дека работите може да ги гледа од двете страни, а на надлежните од Министерството за култура отворено им порачува да се обидат да ги поправат пропустите на здружението, а не да го уништат. Според него, ЗАМП треба да се догради, бидејќи најлесно било нешто градено со години да се уништи.
,,Јас сум и изведувач и автор на речиси се што досега имам снимено и затоа работите ги гледам малку од поинаков агол, и од едната и од другата страна. Лично сум задоволен од работата на ЗАМП, и досега мојот труд е вреднуван од нивна страна. Можеби и има пропусти во работата на ЗАМП, но според мене, не е решението да се сруши комплетно ЗАМП, и од корен да се создава нов систем. Која е гаранцијата дека новиот систем би функционирал подобро и до кога би функционирал?!
Авторот, како што вели Јордан, мора да биде платен, бидејќи тој еднаш ја прави песната, а таа песна може да биде вредна за генерации и генерации.
„Не може изведувачите да се правдаат со тоа дека, ете му ја платив песната, па за друго не ме интересира, моја е. На некој начин е на изведувачот, но сепак и не е на изведувачот. Изведувачот е само жив апарат кој ја презентира и дооформува, но не ја прави песната.
Има изведувачи кои со една песна живеат цел живот, со таа некоја песна тој или таа си завзеле место во историјата или некој временски период. Ако авторот ја продал песната на изведувачот, и тука заврши неговата улога, кој би бил бенефитот на авторот кој создал нешто? Никаков! Авторите и изведувачите одат речиси паралелно, тоа е не деливо ткиво’’ – раскажува Митев.
Тој додава дека се смета за сосема поинаков од поголемиот дел на пејачи кај нас, бидејќи студирал и се надградувал професионално, додека поголем дел од неговите колеги за тоа време собирале бакшиши по кафеани.
Митев раскажува и за тоа како кај нас политиката е вмешана баш во, а во голем дел и во музиката, каде што воопшто не и е местото.
,,Мораме да си признаеме дека нашето општество е исполитизирано плус сто пати повеќе од тоа што реално треба да е. Сепак не е само политика и политика, има една црвена линија која што понатаму е морал и етика. Некако имам чувство дека кај нас се губат сите чувства освен чувството за политика. Политиката е моментална ваква или онаква, но добрата напишана песна, отпеана, изведена инструментално, може да биде безвременска и да ја паметат генерации и генерации.
Тов вели дека од вкупната наплата на ЗАМП на ниво на цела Македонија, според пресметките на ЗАМП, само 22% од вкупниот приход остануваат да се распределат на авторите во Македонија.
„Сето останато е за изведувачите надвор, т.е за авторите на изведувачите од надвор. Така што, за сето тоа пак сме ние виновни како нација, бидејќи прашајте ги другите, колку сме ние изведувани и пуштани надвор од Македонија и колку средства плаќаат за нас. Речиси ништо! Песните кај нас се речиси без пари, затоа се натрупаа пејачи во секој град по десет ѕвезди на два милиона народ. Песните треба да бидат скапи, така не може секој да плати, и самите автори ќе инвестираат во тие што најмногу вредат. Само така ќе се исфрустрира тоа што не вреди. Така пејачите ќе бидат скапи, а ќе бидат скапи бидејќи ќе бидат квалитетни. А вака, буквално си играат со нас и сме за потсмев’’– вели Јордан.
Тој планирал до крајот на годинава да сними уште два спота за песните „Само тебе јас те сакам“, и „Кажи да, моја најмила“, но го одложил снимањето на неодредено време поради забраната на ЗАМП.
Вели дека сепак имал среќно детство, исполнето со љубов од најблиските.
Патот до славата си го пробивал сам, без ничија помош, и сега е еден од најбараните, но и најплатените фолк пејачи кај нашата дијаспора. Лани, имаше јубилеен концерт по повод десет години на естрадата, а парите од настанот им ги донираше на семејствата на загинатите бранители во конфликтот во Куманово.
Вики Клинчарова