Јордан Мијалков го шпионирал Глигоров, а потоа барал да биде негов министер !?

by Fokus

 

arhivaТекстот е објавен на 12 јануари 2011 година во неделникот „Фокус“

Пишувал:

Жарко ЈОРДАНОСКИ

Откако некако ги апсолвира младешките, па и зрелите години на “ликот” на Јордан Мијалков, кој, како што видовме често му задаваше главоболки, авторот на биографијата “Јордан Мијалков и неговото време”, преминува на главното револуционерно и патриотско “дело” на Мијалков – неговите години како министер за внатрешни работи во првата, експертска влада на повеќепартиска и независна Македонија. Токму на овој период – министерувањето на Мијалков од 20 март 1991 година, па до неговата смрт на 19 декември 1991 година, кулминира “клесањето на споменикот” и “втемелувањето” на митот за патриотот и херојот Мијалков – главна задача што пред себе си ја поставува авторот на биографијата на Мијалков, Христо Ристовски. Затоа и самиот автор, а и сите негови современици во сеќавањата му издвојуваат најголем простор на овој период. Притоа не се штедат хиперболи и суперлативи за неговата улога во тие историски моменти, за неговиот патриотизам, храброст, решителност, досетливост, пожртвуваност…

МАКЕДОНСКИОТ ЈОРДАН КРСТИТЕЛ

Во тој жар Мијалков да се искова што повисоко во ѕвездите, сосема разбирливо, повремено се губи контактот со реалноста. Некои од сведочењата на неговите современици според својот патос можат да се наредат рамо до рамо со “Молитвата” за Македоноидите што беше емитувана на државната ни телевизија. Јордан се прогласува за доброволна жртва на олтарот на татковината, алфа и омега на осамостојувањето, без задршки се споредува со Гоце, Даме, па дури и со Јован Крстител!

“Ти беше единствениот Јордан, како во реката Јордан што се фрлаше да го видиш новиот крст за распнатата Македонија. Ти навести далечина за тебе. Ги учеше неграмотните на македонските права, неосознаените на домашни обврски за да препливаат трски на ѓаволски врски од кои не се прави свирка за миросана песна за Орфеј” – ќе му напише извесна Марија Кукубајска, штипјанка, професорка по книжевност со завидна академска кариера. На моменти, во нејзините спомени за другарот со кого делеле домашна штипска пастрмајлија се мешаат поезијата и прозата:

“Немаше што ти не решаваше Јордане, сине на силната Надеж мајчинска, татковинска, штипска, европска, глобална надеж страдална… И во Макотекс маките ти виртуозно ги олеснуваше на сите, ги ветреше.”

И Макотекс да влезе во поема, е тоа е мајсторија!

Оние потрезвените и попрозаичните со многу аргументи и примери објаснуваат дека Мијалков навистина има големи заслуги за се што се правело во тие бурни и ризични моменти. Меѓу првите расчистил дека Македонија треба да биде самостојна, суверена држава, во време кога многу други политичари и партии се колебале, и енергично и упорно работел во тој правец.

“Тој во ниту еден момент не дозволуваше во негово присуство да се помисли да се зборува за друга опција освен за прогласување на суверена и независна држава Македонија. Со тој негов став тој влеваше оптимизам кај сите, и кај оние кои имаа било каква резерва за остварување на таа цел. Ваквиот оптимизам како министер го внесе и кај припадниците на безбедносните сили, кои одиграа огромна улога во процесите на мирното одвојување од Југославија и прогласувањето на независната македонска држава”- пишува Трајан Гоцевски, првиот цивилен министер за одбрана на Република Македонија во своите сеќавања за Мијалков.

Несомнено, историјата објективно ќе го процени Мијалков кога ќе слегне оваа “ѕвездена прашина” од него и кога ќе се створи неопходната историска дистанца од тие настани. Наша цел не е да ги девалвираме неговите заслуги и придонеси во тие тешки, ризични и пресудни моменти за Македонија, туку да ја вратиме приказната за Мијалков во нејзините реални рамки, да ја спуштиме на земја, во искрена надеж дека “ликот и делото” на Мијалков ќе го “преживеат” тоа атерирање. Вистинскиот Мијалков, со сите свои мани и недостатоци, сепак е поколоритен и подопадлив од нашминканиот, лажен супер-херој каков што се обидува да ни го претстави оваа книга.

ЕКСПЕРТ БЕЗ ЕКСПЕРТСКИ СТАЖ?

Но, пред да преминеме на “улогата и значењето” на министерот Мијалков да се позанимаваме малку со тоа како воопшто се случило еден правник во трговска фирма, убаво згрижен во Прага, далеку од политичките збиднувања, да стане министер за внатрешни работи во првата експертска, преодна влада, која ќе го изнесе на свои плеќи товарот на осамостојувањето на Македонија? Особено, што според оваа монографија, како и според кажувањата на неговиоте современици, не бил активен во политичкиот живот на земјата. Не бил член на некоја од партиите кои тогаш се основаа или се трансформираа, ниту пак бил активен во некоја задгранична патриотска организација. Како што вели самиот негов биограф, во СКМ членувал “ради реда”, зашто тоа било неопходно за да се вработи во државна фирма, (ама, да не заборавиме, “притоа никогаш не ги користеше привилегиите што ги носеше партиското членство”).

Според Илија Андонов Ченто, министер без ресор во експертската влада, Мијалков имал обичај да се декларира како вмровец, но притоа редовно нагласувал дека не е припадник на ВМРО-ДПМНЕ, туку “на она старото ВМРО”. Дали тоа што не бил партиски човек може да му се смета како предност, зашто тогаш се формираше експертска влада, кога се знае дека сепак  предлозите доаѓаа од партиите? Сепак, министер не се станува туку-така.

Освен тоа, уште понејасно е како се случило Мијалков да биде предложен и избран за министер за внатрешни работи, и тоа како експерт, иако никогаш во животот немал допирни точни, ниту пак имал еден ден работен стаж во тој ресор!? Или сепак некакви допирни точки постоеле, но нив ги нема или се (не)вешто избришани од неговата биографија?

Видовме дека во Прага патриотскиот жар кај Мијалков се размавнал со сета своја жестина, и поради тоа за него веќе се проширил глас дека е јасно национално настроен, а тоа не му било земено за зло од властите, кои своевремено за истата работа го следеле. Веројатно, затоа што “изливите” се случувале во странство, а и времињата се менувале, иако полека. Токму на оваа репутација се должи одлуката за негово именување за министер експерт, иако без експертско искуство, тврди неговиот биграф. Тоа го поткрепуваат и главните “сведоци” од тој период, неговиот средношколски другар и подоцна министер за правда Ѓорѓи Наумов, како и премиерот на експертската влада Никола Кљусев. Многу е забавно да се споредат сите нивни сведочења зашто од нив можат да се извлечат интересни заклучоци.

ЈАС ТЕБЕ СЕРДАРЕ, ТИ МЕНЕ ВОЈВОДО!

Како што знаеме, а деновиве и се потсетуваме со пригодни тв-емисии, на првите повеќепартиски избори во ноември 1990 убедливо победи ВМРО-ДПМНЕ, освојувајќи 38 пратенички мандати, но не успеа да формира влада поради неискуството и предрасудите кон албанските партии, со кои не сакаше да коалицира. По мачните преговори за избор на претседател, и изборот на Киро Глигоров на 27 јануари се дојде до компромисно решение владата да биде експертска, но нејзиниот избор ќе се случи дури во март.

Во тој период, набргу по изборите, Наумов, кој бил член на ВМРО-ДПМНЕ, го повикал Мијалков да се врати назад од Чешка, зашто во него имал доверба и го сметал за искрен македонски патриот, и како таков на Македонија и бил потребен.

Кога паднала одлуката дека ќе се прави експертска влада, сведочи Наумов, тие двајца заедно размислувале кои личности би биле погодни да влезат во неа. Ако му се верува, тоа би значело дека Мијалков и Наумов биле меѓу нејзините први и кадровици! Како ВМРО-ДПМНЕ да немало претседател, тела и органи на партијата или тие била безгласна буква!?!

Еве што сведочи Наумов:

„Го известив Мијалков дека кај мене се наоѓа списокот на идните кандидати кои се предлагаат за мандатари за создавањето на македонската влада. Тогаш Јордан ме замоли како шести кандидат на списокот да го внесам и академикот Никола Кљусев. Му забележав дека Кљусев не е прогонуван ниту осудуван за идеите на ВМРО, туку е затворан за неговата информбировска поврзаност” – се присеќава Наумов, но Јордан останал на своето.

По ова Мијалков му телефонирал на Кљусев и тој веднаш се нацртал кај нив, зацапувајќи се попат во кал. Го известиле за што се работи и тој, разбира се,  прифатил. Како и да е, проширениот список, вели Наумов, му го испратиле на новоизбраниот претседател Киро Глигоров и чекале одговор.  Испаѓа дека Мијалков е најзаслужен што Кљусев станал премиер, зашто во спротивно воопшто не би бил на списокот за мандатари.

Ова пак воопшто го нема во сеќавањата на Кљусев за истиот период. Тој претпочита сентиментален приод кон минатото. Наведува дека добро го познавал Мијалков “како непоколеблив, страстен патриот, кој со неизмерна љубов ја сакаше татковината и пожртвувано се бореше за нејзината самостојност”.

“Таа негова љубов и преданост ме мотивираше да го предложам за министер за внатрешни работи во првата демократска влада во 1991 година” – пишува Кљусев, премолчувајќи ја неблагодарно клучната средба со него и со Наумов. Иако Кљусев и Мијалков биле многу блиски, подоцна, кога Мијалков се нашол на тапет на опозицијата, која барала негова смена, Кљусев “пријателски” му понудил на Мијалков да се повлече и да прифати некоја друга позиција, на пример шеф на царината, која штотуку се формирала. Мијалков категорично одбил, но му се пожалил на Наумов.

„Тогаш го потсетив велејќи му: Ти кажав јас кој е Кљусев?”- поентирал тогаш Наумов.

Кљусев потрвдува дека му дал предлог на Мијалков да се повлече, и тоа под големите притисоци пред се од Киро Глигоров и од Стојан Андов, но тврди дека откако овој го отфрлил тој предлог за шеф на царината, повеќе не допуштил да се постави прашањето за смена на Мијалков. Но, како што гледаме денеска, и МВР и царината на чуден начин остануваат “баштина” на семејството Мијалкови, како Кљусев да бил воден од самиот прст на судбината! Сепак, во тоа време Мијалков бил погоден од ваквата непристојна деградација, особено од човекот што сам го предложил за мандатар.

“Минувајќи низ тој период на нервоза, во извесни мигови како да изгуби верба во мене и стално ме прашуваше “Бате Коле, дали ќе покренеш постапка за мое разрешување”.  Јас го убедував дека тоа нема никогаш да го сторам”- пишува Кљусев.

Своето ветување Кљусев и го исполнил и не го исполнил. Во еден византиски манир, токму кога Кљусев бил отсутен од државата, односно бил во важни посети на Романија и Бугарија, без тој да знае, како што самиот тврди, опозициската група на тогашната СКМ-ПДП поднела предлог за смена на Мијалков. За предлогот се дискутирало на 18 и на 23 септември, а Мијалков бил напаѓан дека преземал незаконски дејства, дека им се заканувал на пратеници, па дури и на претседателот на парламентот со апсење и слично. Најгласни во нападите биле Наќе Стојановски, кој го поднел предлогот, и Тито Петковски.

Мијалков тешко ги доживеал овие напади. Од стресовите му проработел чирот и бил неколку недели сместен на лекување во Клиничкиот центар во Скопје. Притисоците за негова смена продолжиле и таму, но тој бил упорен, па иако не бил докрај излечен, подготвил своја одбрана и во ноември ја изложил пред пратениците. Тоа било и неговата последна собраниска седница, зашто веќе на 19 декември загинал во сообраќајна несреќа на пат кон Белград.

kiro-2

 

 

 

 

 

 

 

ТЕ ПРОМОВИРАМ, ПА ТЕ ШПИОПНИРАМ!?

Интересна и противречна е и релацијата на Јордан Мијалков со тогашниот претседател Глигоров, особено по она што може да се прочита за тие односи од сеќавањата на Љубисав Иванов – Ѕинго.

По првиот, неуспешен обид на Глигоров да биде избран во парламентот, на 18 јануари, Ѕинго јавно прокоментирал “А сега, Господ нека ни е на помош!”

“Веднаш по таа изјава ми се јави Јордан и бараше да се сретнеме. По еден час додје кај мене и ме праша зошто ја дадов таа изјава. Објаснив дека во ова тешко време, кога во Македонија се уште се наоѓа ЈНА, кога не сме признаени како држава, кога немаме државно искуство, кога во соседството се одвиваат воени судири, на чело на државата мора да имаме стабилен, мудар и разумен човек. Со искуство  стекнато покрај докажан државник каков што бил Јосип Броз Тито. Тоа во моментот беше Киро Глироров” – се сеќава Иванов.

Ѕинго тврди дека Мијалков целосно се согласил со ова, и рекол: “Јас те уверувам дека од денес упорно ќе работам за ова да се исполни во дело и ти ја имаш целосно мојата поддршка”.

“Подоцна постојано ме информираше за напорите што ги прави, посебно по штипска линија, и пред новото гласање дојде во Парламентот и ми рече “Биди спокоен, се е договорено”. Така и беше” – раскажува Ѕинго.

И покрај оваа “заслуга” односите меѓу Глигоров и Мијалков во текот на неговиот мандат постојано биле напнати и исполнети со недоверба. Нив ги опишува неговиот близок пријател и соученик од Штип Киро Камчев, во своите сеќавања.

“Јордан во континуитет се жалеше на однесувањето на Глигоров спрема Министерството за внатрешни работи, од што произлегуваа повеќе сериозни проблеми” се присетува Камчев и открива една многу индикативна работа:

“Во такви околности Јордан, спроведувајќи ги службено добиените задачи, воспостави таен режим за секојдневно следење на Глигоров за да не дојде до ескалирање на односите меѓу претседателите, а сето тоа се одвиваше во интерес на Република Македонија”. Ако очите не не лажат, ова е јавно признание дека министерот Мијалков го прислушувал својот претседател Глигоров!!!

Знаејќи го ова, не изненадува заемната недоверба што постоела меѓу претседателот на државата и министерот на полицијата. Дури во еден момент, додека Мијалков бил во болница, во посета му дошол советникот од кабинетот на Глигоров, Ристо Љуботенски и го убедувал да се повлече од функцијата.

Но и покрај тоа, кај Ѕинго читаме уште еден мошне интересен детал што ја дополнува целата приказна за Мијалков и Глигоров:

“Во времето кога “паѓаше” Владата на Никола Кљусев, ми се јави Јордан да дојде во Кратово и да се види со мене. Јас со задоволство го примив. Остана цел ден со мене и ме замоли да разговарам со Киро Глигоров за да го задржи на местото министер за внатрешни работи и во новата Влада, дотолку повеќе што тој одигра значајна улога при изборот на Глигоров за претседател. Јас од се срце му ветив дека ќе го направам тоа и навистина закажав таков разговор. Но, поради несреќата во која Јордан го загуби животот, разговорот беше беспредметен” – раскажува Иванов.

Да беше жив Николо Макијавели и да ги читаше овие сеќавања, ќе му дојдеше некако топло околу срцето. А ние во Фокус треба да размислиме дали не е време на некои текстови, поради ваквите “експлицитни содржини”, да ставиме предупредување како што имаат некои ТВ емисии – “не се препорачува за политичари помлади од 40 години, без надзор на родител-старател”!

ЗАД СЕБЕ ОСТАВИЛ БОКСЕРИ И  ПРИСТОЈНИ ПОЛИТИЧАРИ!

„На небото меѓу орлите, на земјата меѓу лавовите”, го насловил своето сеќавање за Мијалков неговиот пријател и доктор по економија Ристо Кавај. По исцрпната апологија, во која го велича Мијалков како борец, патриот визионер и боксер, Кавај поентира на ваков начин:

„Да се води битка… Битка за опстанок, прогрес и државност. Ја водеше доследно до своето загинување како лавовите на земјата и орлите на небото. А по него, се тече, се се менува. Неговите наследници се боксери, пристојни политичари кои ја продолжуваат патеката на Мијалков кон вечноста. За неа луѓето сонуваат, а Бог одлучува. Затоа, им благодарам на Бога и Светиот Дух што живеев и творев во времето на Јордан Мијалков,!

mijalkov-813

НА КАФЕ КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПРИШТИНСКИОТ СУД

Иван Најденов, по професија архитект, колега на Мијалков од „Макотекс”,  во своите спомени поместени на крајот од книгата, раскажува една многу интересна епизода, која говори за великодушноста на Мијалков, а богами и за неговата пробивност! Еве еден дел, интегрално:

“Јордан беше добар човек, тој сакаше секому да помогне. Така, во почетокот на осумдесеттите со него службено бев во Охрид. Таму се најдовме со мојот пријател Боро Ристески, по професија архитект. Од него дознавме дека неговиот баџанак Боривое Поповиќ е осуден на долгогодишна затворска казна. За ова, според неговата фамилија, тој неправилно бил осуден. По кратко распрашување, Јордан дозна дека Поповиќ е жртва на голема љубомора и завист од луѓето во Белград, бидејќи тој за кратко време се збогатил и успеал да раководи со повеќе поголеми претпријатија во Косово, за преработка на пластика. По неколку дена јас и Јордан отпатувавме за Приштина, бидејќи таму се решаваше судскиот предмет. Кога отидовме во судот, веднаш бевме примени од тамошниот претседател. Пиејќи кафе во неговата канцеларија, дознавме дека претседателот на Приштинскиот суд е и претседател на Боксерскиот сојуз на Косово. Во неговата канцеларија при разговорот за боксот, Јордан ја начна темата поради која бевме дојдени, за да ја разгледа пресудата за економистот Боривоје Поповиќ и при последното судење во Врховниот суд на Косово објективно да ги согледа причините за кои се гони обвинетиот. Со судијата љубезно се поздравивме, влеговме во автомобилот и тргнавме за Скопје.

Патем долго размислував за големото срце на Јордан и за неговата желба да ја подели среќата со другите несреќни луѓе, за и тие да бидат среќни во нивниот живот”, пишува Најденов.

Нам, пак, ни преостанува уште подолго да размислуваме како е можно правник од фирма за извоз на текстил “по кратко распрашување” да дознае дека “економистот” Поповиќ е жртва на љубомора и завера. Кому треба да се јавиш во Белград за така јасно да ти ги претстави работите? Може да мозгаме до сто и едно како тоа претседател на Врховен суд го прима Мијалков како почесен гостин, а не му е ни другарче по боксерска линија (таму дознале!). И што се случило со “пластичниот” економист на кого толку му се љубоморело, откако по препорака на Мијалков, “објективно” бил разгледан неговиот случај?  Дали љубомората мистериозно исчезнала, заедно со долгогодишната затворска казна? Најденов за тоа ништо не ни кажува, но приказната сигурно немаше да заврши во вакви мемоари, ако немаше среќен крај. Зашто, нели, се работи за чиста среќа, која некако треба да се подели со другите!

ФИЛИМЕНА НА БАТО

Мемоарите сосема незаслужено ги бие глас дека се здодевни за читање. Добро, во најголем дел се, но читателот повремено е награден со по некое зрнце информација што ќе му надокнади за празните одови. И ќе му фрли нова светлина на некои денешни состојби и релации.

Така, од сеќавањата на Филимена Маневска, сопруга на актуелниот министер за правда Михајло Маневски, а и самата актуелна пензионерка, а хонорарна советничка на претседателот Ѓорѓе Иванов, читаме колку долга и длабока е врската меѓу семејствата Мијалкови и Маневи. Поточно Мијалкови и Балванлиеви, како што е моминското презиме на Филимена.

Куќите на овие две штипски семејства биле една карши друга на стрмнината на Горно Маало. Филименче била доста помлада за да се дружи со Јордан, но затоа била врсничка со неговата сестра Наде и со неа деноноќно си играла.

Еднаш така децата од Горно Маало отишле на капење во градскиот базен,  раскажува Филимена:

“При пливањето јас се занесов во детската игра и задоцнив да испливам навреме од водата. Останав без здив. Почувствува немоќ и тонев кон дното на базенот. Некој силно ме фати за рамо и ме повлече кон површината. Што се случувало понатаму со мене, јас навистина не се сеќавам. Знам само кога се освестив го видов ликот на Јордан. Радоста беше заемна. Мојот спасител и јас се радувавме неизмерно. Оттогаш го завикав бато Јордан.”

Ова не било единствена спасувачка акција што го извршил Мијалков. Еднаш на скијање некои неранимајковци им ги оштетиле санките на девојчињата од Горно Маало.

“Се пожаливме кај бато Јордан. Тој не ислуша и веднаш ја среди работата. Ние продолживме да се санкаме” – ракажува во хаику стил Филимена Балванлиева, сега Маневска. Како ја средил работата – бато Јордан си знае! Можеби ги заковал санките?

Како што добро знаеме, традицијата на меѓусебното спасување, која постоела меѓу овие две семејства од дамнина, се пренесува од колено на колено и се негува до ден денешен.  Колку пати некој тонел кон дното, но некоја рака силно го зграпчила и го извлекла на површината, а колку пати некој друг ја средил работата како знае и умее – ни останува да нагаѓаме!

                                                                                                                  (продолжува)

 

 

 

 

Поврзани новости