ЈО и МВР се уште го истражуваат опожареното „ауди“ што го управувал Груби, а ДКСК ја проверува неговата имотна состојба!

Додека обвинителството и полицијата го бараат виновникот за опожареното „ауди“ и испитуваат под кои услови го управувал Артан Груби, антикорупционерите вршат проверка на имотната состојба на првиот вицепремиер и на неговото семејство, меѓутоа наидуваат на опструкции.

by Фокус

„Фокус“ неодамна обелодени дека градежниот гигант АД „Гранит“ го продал хотелот на Попова Шапка на фирма-загубар со еден вработен, непосредно пред да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската делница кон Блаце. Подоцна се испостави дека фирмата-купувач на хотелот го поседува луксузното „ауди“ што го управувал првиот вицепремиер Артан Груби пред да биде опожарено. Додека обвинителството и полицијата го бараат виновникот, антикорупционерите вршат проверка на имотната состојба на Груби и на неговото семејство. Сепак, наидуваат на опструкции.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во текот на изминатата година, „Фокус“ објави серијал текстови во чии рамки беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.

(АРХИВА) „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување, па добил нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!

Во рамки на првата тендерска постапка, Јавното претпријатие за државни патишта, тогаш на чело со Зоран Китанов од СДСМ, и „Гранит“ склучиле договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце на 16.01.2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра.  На крајот на минатата 2022 година, пак, ЈП за државни патишта, веќе предводено од Ејуп Рустеми од ДУИ, одлучува да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата, така што на 24.01.2023 година склучува уште еден договор со „Гранит“ од 11,5 милиони евра.

Патем, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година е запишана промена на сопственоста врз хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, кој беше опожарен во 2013 година. Имено, имотот за 55 илјади евра го купила компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која тогаш била во сопственост на Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк, а денес единствен сопственик е Лимани.

Првично, компанијата била основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“, Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на функционери на власта следи фудбалски натпревари, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа. Во една пригода, тој следеше натпревар на стадионот во Чаир со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а на истата фотографија може да се забележи и првиот вицепремиер Артан Груби.

Во таа насока, пред неколку месеци се случи еден настан од сосема поинаква природа, кој директно го поврза Груби со „Еуро Ком Лигхтинг“ и нејзиниот моментален формален сопственик Беким Лимани. За потсетување, тоа се случи по опожарувањето на возилото марка „ауди“, кое се испостави дека Груби го позајмил од, како што самиот вели, добриот пријател Лимани. Кога се случи немилиот настан, дел од медиумите известија дека запаленото возило е во сопственост на лицето Бекир Лимани.

Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?

Меѓутоа, „Фокус“ обелодени дека станува збор за Беким Лимани, кој бил заведен според возачката дозвола дека го паркирал „аудито“ тип А6, 3.0 ТДИ, произведено во Германија во 2021 година, во сопственост на „Еуро Ком Лигхтинг“. Тогаш, Груби се бранеше дека повеќе од 3 години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер, добил службено возило, па увидел дека не го користи тогашното „ауди“ што го поседувал и го продал за да не губи на вредност.

Оттогаш, кога и да му требало возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски, а едно од тие туѓи возила што ги позајмувал и користел било запаленото „ауди А6“″. Во едно телевизиско интервју, тој посочи дека возилата од блиски и пријатели ги возел „со овластување, само за приватни цели“. Како тогаш знаеле кое возило да го запалат, беше логичното прашање што се наметна?

Во врска со тоа, одговори: „Многу добар другар ми е. Значи, не само тој и други другари. И сите претпоставувале дека возилото е мое лично… Станува збор за многу успешен бизнисмен со компанија со 30 години…“. Воедно, Груби дополни дека го користел запаленото возило 10 дена пред да биде опожарено за мала хируршка интервенција и оттогаш, како што вели, било кај него пред зграда.

Зошто како сопственик е заведено физичко наместо правно лице, кој е формален, а кој реален сопственик на возилото, почна да испитува Јавното обвинителство. Како што соопштија тогаш од таму, јавен обвинител дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, а била издадена и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.

Како вицепремиерот Груби управувал „ауди“ А6 старо 2 години, во сопственост на приватна фирма?

Сепак, на овој случај сѐ уште се работи и нема никаков епилог. Од МВР ни одговорија дека во рамки на случајот со опожареното „ауди“ преземаат мерки и активности по насоки на скопското обвинителство. Од обвинителството, пак, велат дека предметот е во фаза на предистражна постапка и, како што посочуваат, се прават проверки и се очекуваат резултати од наредени вештачења.

На почеток, обвинителството упати и кон Антикорупциската комисија, од каде, пак, возвратија дека немаат надлежност да испитуваат луѓе што не се функционери. Со други зборови, антикорупционерите не можат да го „чешлаат“ Лимани како го стекнал возилото, но слободно можат Груби како јавен функционер. Впрочем, ДКСК тоа го прави, имајќи предвид дека нѐ информираа оти вршат проверка на имотната состојба на првиот вицепремиер и на членови на неговото семејство.

Ние изготвуваме и една анализа за т.н. рамковни административци и за тоа бараме податоци за вработените по години, но од Министерството за политички систем на чело со Груби ни стигна одговор дека барањето не било двојазично. Истата реакција ја добивме и кон нашето барање до него во рамки на проверката што ја вршиме за имотната состојба на Груби и членови на неговото семејство. Откако пративме двојазично барање, немаме никаков одговор – ни изјавија од Комисијата.

Исто така, се обративме и до кабинетот на Груби со барање за коментар во врска со тврдењата на антикорупционерите, но досега не добивме одговор.  Инаку, овој случај е можеби најдобар пример зошто власта ретерираше од првичните најави за носење Закон за потеклото на имотот. Уште пред 3 години, ДКСК и владата го промовираа овој закон, кој требаше да биде основа за проверка на имотот на сите граѓани, што ќе ја исклучеше можноста „приватни лица“ да бидат покритие за имот на јавни функционери. Но, таков закон никогаш не се донесе.

(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Поврзани новости