Немам поднесено анкетен лист, иако сум требал да поднесам, вели адвокатот Ивица Јевтиќ во изјава за „Локално“ откако беше посочено неговото име од ВМРО-ДПМНЕ во т.н. афера „Тајни имоти“.
Јевтиќ е член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил. Според информациите што ги објавија од „Белата палата“, тој на свое име поседува стан во Скопје, од 2015-та година основач е на Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ, а во 2020-та година во месец ноември ја основа градежната компанија ФИЗ Констракшн ДООЕЛ Скопје.
-Се работи за Управен одбор каде месечниот надоместок е 1.000,00 денари месечно, така да јасно ви е од кои причини се прави ова, потенцира Јевтиќ.
Адвокатот вели дека прифаќа санкција, доколку сноси одговорност.
-Доколку ДКСК смета дека било потребно да се поднесе анкетен лист и требам да сносам санкција, ќе ја прифатам. Законот треба да важи за секого, порачува Јевтиќ.
Јевтиќ беше едно од четирите имиња засега кои ВМРО-ДПМНЕ ги обвини дека не поднеле анкетни листови, а се блиски до владечката СДСМ. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу исто така не поднел анкетен лист според најголемата опозициска партија.
Тој вчера во изјава за „Локално“ појасни дека нема потреба да поднесе до ДКСК анкетен лист за својот имот бидејќи не е функционер, а во Фондот на холокаустот работел волонтерски без паричен надоместок.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Валентин Груевски, не пријавил имот откако стапил на оваа функција, иако од претходниот анкетен лист се гледа дека поседува куќа и земјиште во Битола и автомобил Фоксваген Голф, а неговиот брачен другар – куќа во Ресен.
На објавената листа се најде и името на Новица Печински, член на Управен одбор на Здравствен дом Берово, кој не пријавил куќа во Берово и автомобил, како што објавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска ја повика ВМРО-ДПМНЕ да поднесе пријави за нивните сознанија, иако како што додаде постапуваат и по допрен глас. Она што може ДКСК да го направи, како што посочи таа, е да изрече глоба доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.
Од партијата на Христијан Мицкоски најавија дека денес ќе продолжат да објавуваат и други имиња.