Јенс Киндберг, кој најави поход по 1.000 станови во Скопје, открива: Лично вложив над 20 милиони евра, имаме инвестирано и во „Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“!

Нашата амбиција останува да изградиме портфолио од приближно 1.000 станови во Македонија, во текот на следните години. Ова е долгорочна инвестициска стратегија, а не цел за краткорочно стекнување имот. Во моментов работиме на неколку проекти во Скопје. Нашата стратегија е, пред сè, да ги задржиме становите за долгорочно издавање, со што ќе генерираме постојан приход, истовремено имајќи корист од долгорочниот развој на македонскиот пазар на недвижности, вели тој во разговор за „Фокус“.

by vlatko 12:07
12:07

Пред половина година беше објавенo дека меѓународниот инвестициски фонд со седиште во Луксенбург – „Ваексткапитал“, кој функционира под капата на „Ваекст Холдингс“, влегува во македонскиот пазар на недвижности, со декларирана амбиција да стекне сопственост врз илјада станoви во Скопје.

Притоа, во име на фондот настапи неговиот коосновач – Данецот Јенс Киндберг, кој првично изјави дека веќе купиле 250 станови во изградба, со план до крајот на оваа 2026 година да купат уште толку, за во период од неколку години да ја остварат нивната ултимативна цел од вкупно илјада.

Во меѓувреме, оваа групација основаше 2 компании во земјава, со називи исти како добропознати градежно-инвестициски проекти – „Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“.

Како што вели Киндберг за „Фокус“, веќе имаат инвестирано токму во овие станбени објекти или комплекси, без да каже за колку станови станува збор.

Она што тој го обелоденува е дека досега во земјава вложил лични средства во износ од над 20 милиони евра, но не открива кои (ко)инвеститори досега му се придружиле, ниту кој е дел од инвестицискиот фонд.

Инаку, официјалните информации говорат дека Киндберг има искуство во индустријата за хеџ-фондови, а во последните 20 години тој е фокусиран на сопствени инвестиции, така што „Ваексткапитал“ сега претставува централен дел од неговото портфолио.

Според страницата на „Ваексткапитал“, Киндберг завршил финансии и сметководство на Копенхашката бизнис-школа и работел на раководни позиции во повеќе компании, додека во 2014 година го основал своето прво друштво за развој на недвижности во Софија.

Токму во Бугарија, тој во меѓувреме изградил едни од најголемите компании за развој на недвижности и за изнајмување станбен простор, кои беа мета на критики на данскиот регулатор поради погрешни пресметки и т.н. заведувачки маркетинт.

– Со себе носам повеќе од децениско искуство од Бугарија, значителен сопствен капитал и јасна амбиција за изградба на силна локална организација. Верувам во долгорочниот потенцијал на Македонија и со нетрпение очекувам да дадам позитивен придонес кон развојот на пазарот на недвижности во земјата – вели тој.

ФОКУС: Колку станови досега имате купено во Македонија, на кои локации и од кои домашни инвеститори? Какви се вашите планови со овие станови – дали ќе ги продавате или ќе ги издавате под закуп?

КИНДБЕРГ: Нашата амбиција останува да изградиме портфолио од приближно 1.000 станови во С. Македонија, во текот на следните години. Ова е долгорочна инвестициска стратегија, а не цел за краткорочно стекнување имот.

Во моментов работиме на неколку проекти во Скопје. Нашата стратегија е, пред сè, да ги задржиме становите за долгорочно издавање, со што ќе генерираме постојан приход, истовремено имајќи корист од долгорочниот развој на македонскиот пазар на недвижности.

ФОКУС: Oсновавте 2 компании во Македонија, кои носат исти имиња како познати градежно-инвестициски проекти („Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“). Дали тоа значи дека веќе сте купиле станови во овие комплекси? Ако е така, колку станови имате купено таму?

КИНДБЕРГ: Ние вообичаено основаме посебни компании за поединечни инвестиции во недвижности, со цел да обезбедиме транспарентност, јасни сопственички структури и финансиско разграничување меѓу проектите.

Иако основањето на компанија не значи нужно дека стекнувањето имот е веќе реализирано, можеме да потврдиме дека имаме инвестирано и во „Премиум Резиденце“ и во „Рубик Тауер“.

Не навлегуваме во детали за поединечните трансакции, но бројката ќе биде достапна на веб-страницата на компанијата како што ќе се етаблираме на пазарот.

ФОКУС: Неодамна изјавивте дека секогаш прво вложувате лични средства пред да поканите други инвеститори. Колкав капитал досега имате вложено во Македонија и кои други инвеститори ви се придружиле? Воедно, како точно изгледа структурата на „Ваесткапитал“, односно кој е дел од него?

КИНДБЕРГ: Мојата инвестициска филозофија отсекогаш била прво да вложам сопствен капитал, да го воспоставам бизнисот и да го демонстрирам инвестицискиот концепт, пред да поканам надворешни инвеститори да учествуваат. Овој пристап го применувам долги години, вклучително и во Бугарија.

Во С. Македонија досега лично имам вложено повеќе од 20 милиони евра и имам намера да продолжам со инвестирањето. Компанијата моментално се подготвува да се отвори за нови инвеститори.

Ваексткапитал е дел од поширока европска групација на компании за инвестициски и финансиски услуги. Нејзината примарна улога е овозможување пристап за инвеститорите и прибирање капитал, додека самите инвестиции се реализираат преку посебни инвестициски друштва.

ФОКУС: Какви конкретно инвестициски и деловни активности имате во Бугарија и колку станови поседувате таму во моментов? Во кои други земји сте активни или присутни, покрај Македонија и Бугарија?

КИНДБЕРГ: Бизнисот со развој на станбени проекти во Софија го основав во 2014 година. Оттогаш, активностите прераснаа во значителен бизнис со недвижности, кој опфаќа развој на станбени објекти, инвестирање во недвижности и долгорочно издавање имоти. Моето искуство во Софија претставува важна основа за нашето проширување во С.Македонија.

Во текот на повеќе од една деценија, изградивме експертиза, организација и односи неопходни за создавање и управување со значителни портфолија на станбени имоти. Нашите пошироки деловни активности се прошируваат и на неколку други европски пазари.

ФОКУС: Постојат јавно достапни информации според кои регулаторно тело од Данска изразило загриженост во врска со вашите компании во Бугарија поради т.н. заведувачко рекламирање, при што регулаторот побарал пропустите да се коригираат. Како одговарате на овие забелешки?

КИНДБЕРГ: Точно е дека еден инвестициски фонд кој јас го основав, но со кој не управувам, доби забелешки од данскиот орган за финансиски надзор во врска со начинот на кој во маркетинг-материјалите биле прикажани историските приноси од инвестициите.

Податоците за историските резултати беа придружени со јасна напомена дека минатите резултати не се гаранција за идните. Намерата беше да се прикаже досегашното работење на фондот, на што тој разбирливо беше горд, а не да се создадат нереални очекувања за идните приноси.

Реагиравме веднаш, бидејќи ја почитуваме улогата на финансиските регулатори и ја разбираме важноста од јасна и избалансирана комуникација со инвеститорите.

Секогаш соработуваме со надлежните органи и ги спроведуваме сите барани промени. Транспарентноста, точните информации и усогласеноста со регулативите се клучни за одржување на довербата на инвеститорите.

ЦЕЛАТА СТОРИЈА ЗА ИНВЕСТИЦИСКИОТ ФОНД ПРОЧИТАЈТЕ ЈА ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС”, КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести