Јавното претпријатие и општините веќе потрошиле над 5 милиони евра за зимско оддржување на патишта

by Фокус

Јавното претпријатие за магистрални и регионални патишта, Град Скопје и други општини низ земјава периодов спроведоа тендерски постапки, во чии рамки склучија договори со приватни компании за ангажман на механизација и индустриска сол за зимско оддржување на патишта, чија вкупна вредност надминува 5 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, во текот на месецов Општина Аеродром склучила договор со Река Интернационал за зимско одржување на улици, паркинзи и јавни пешачки површини во вредност од 3 милиони денари.

Претходниот месец октомври, пак, вакви договори склучиле и други скопски општини, така што општините Центар и Кисела Вода склучиле договор со иста компанија – Анизор, вредни по идентични 5 милиони денари.

Што се однесува до другите општини низ државата, Куманово склучила договор со Кооп Инженеринг вреден 10 милиони денари, Општина Гостивар склучила договор со Магнум Транс од 6 милиони евра, Општина Кочани склучила договор со Калина од еден пол милион евра итн.

Инаку, уште претходно Град Скопје склучи два договори за ангажирање на специјални возила со соларка и плуг за зимско одржување на сообраќајници и набавка на индустриска сол за одржување на улици во зимски услови, при што едниот е склучен со Аполо Инженеринг од 65 милиони денари, а вториот со Ки-Ем од 20 милиони денари.

Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, пак, за набавка на индустриска сол за зимско одржување на патишта склучила договор со Димакс од над 170 милиони денари, а истовремено потрошила дополнително 21 милион денари за превоз на материјали за потребите од редовно, инвестиционо и зимско одржување.

В.С.

Поврзани новости