Јавниот интерес наспроти апетитите за профит: Како урбанистички ќе се развива Карпош во следните 4 години?

„Фокус“ ги праша кандидатите за градоначалници на Карпош Стевчо Јакимовски, Сотир Лукровски и Маја Мојсова дали, доколку ја добијат довербата граѓаните на овие локални избори, ќе се борат за урбанистички планови кои ќе бидат во интерес на малкумина чиј интерес е профитот, или, пак, ќе се залагаат за јавниот интерес, интересот на граѓаните и нивното право на хумано живеење?

by vlatko 11:26
11:26

Еден од најголемите предизвици за сите општини е урбанизацијата, што беше меѓу главните теми за време на изборната кампања за претстојните локални избори. Една од општините која се соочува со овој предизвик е и скопски Карпош, каде може да се забележи интензивна градба во одредени делови на Карпош, каде мали семејни куќи прераснуваат во згради, па дури има настојувања за изградба на голем број на висококатници.

Во тој контекст, треба да се издвои просторот кај некогашната фабрика Алумина, за кој беше промовиран предлог-урбанистички план кој предвидуваше станбено-деловен комплекс со многу висококатници, но тој ДУП не доби поддршка од општинскиот совет. Исто така, атрактивни неизградени површини покрај Илинденска и на други локации веќе се во сопственост на приватни газди, кои веројатно чекаат урбанистички план кој ќе им овозможи да градат објекти.

Во однос на тоа, ги прашавме кандидатите за градоначалници на оваа општина какви ќе бидат нивните залагања доколку ја добијат довербата на овие локални избори? Односно, тие во интервју за „Фокус“, меѓу другото, одговараа и на прашањето дали ќе се борат за урбанистички планови кои ќе бидат во интерес на малкумина чиј интерес е профитот, или, пак, ќе се залагаат за јавниот интерес, интересот на граѓаните и нивното право на хумано живеење?

Актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, кој на овие избори се натпреварува за петти градоначалнички мандат, вели дека Карпош ја направил водечка општина во државата, во која решени се скоро сите инфраструктурни проблеми. Според него, постои антиградежна хистерија, додека урбанизмот станал метода за пресметка со него. Тој смета дека причините за негласање на урбанистичките плановите се лукративни, а не поради добро за граѓаните.

-Јас сакам Карпош да се модернизира, да има модерни современи градби. Но, во исто време со средствата од комуналиите што ќе ги добиеме да ги реконструираме фасадите по цела Партизанска, да направиме подземно паркирање кај Лептокарија, да направиме еден прекрасен плоштад… Со две нивоа подземно паркирање ќе ги решиме проблемите со паркирање и на десната страна на Партизанска, кои имаат 50-60 стана во една зграда, а долу има простор за петнаесетина коли и сите тие паркираат во делот на Лептокарија.

Јас сум човек кој сака да ги решава проблемите, но за тоа ни требаат соодветни приходи. Сме ги научиле лекциите од минатото, водиме сметка што ќе се гради и како, тоа никому да не му смета, но во исто време инсистираме на драстично зголемување на бројот на паркинг-места. Со градење на Алумина очекуваме дека ќе го решиме проблемот со паркирање и по улица Прашка, и кај Настел, и кај Сити Плаза.

За жал, урбанизмот стана метода на пресметка, особено со мене. Ѓорче Петров во моментот нема 50 згради, но изгласаа ДУП со нови 54 висококатници. Во Општина Центар во моментот се градат над 50 згради. Јас само би запрашал, еве и Вас би ве запрашал, од Рузвелтова, Теодосиј Гологанов, Илинденска, до Жена-Парк, кажете ми каде има квадрат зеленило? Од Жена-Парк до Рампа, исто така, каде има квадрат зеленило?

Комплексот Лимак е најголема бетонизација во државата во квадратен метар, но тоа се користи против мене како метод за политичка борба. Карпош има 72 илјади метри квадрати зеленило, кое е одлично е распределено. 17,8 отсто од дрвната маса во Град Скопје се наоѓа во Карпош. Тоа се официјални податоци на Шумарскиот факултет и зборуваме за урбаниот дел, тоа е организирано зеленило во Карпош, не зборуваме за Водно, Зајчев рид, Злокуќани, Бардовци итнвели Јакимовски.

(ИНТЕРВЈУ) Стевчо Јакимовски: Карпош ја направив водечка општина, урбанизмот стана метод за пресметка со мене!

Неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски, пак, најавува дека доколку биде избран за градоначалник Карпош ќе прерасне во „современа, функционална и општина со чиста и уредена животна средина“, каде граѓаните ќе живеат подобро, а компаниите ќе растат посилно. За таа цел, тој ветува воведување на стратешки и професионално разработени урбанистички решенија кои ќе стават ред во градежните активности, ќе спречат хаотична и непланска изградба и ќе овозможат одржлив развој на општината, со баланс помеѓу инфраструктурата, зелените површини и потребите на граѓаните.

Мојот пристап кон урбанизацијата на Општина Карпош ќе биде пред се интегриран и одговорен, насочен кон постигнување рамнотежа меѓу развојот и јавниот интерес. Ќе подготвиме детални и долгорочни урбанистички планови изработени во широка консултација со граѓаните, стручната јавност и невладиниот сектор. Ќе воведеме строга контрола врз секоја градежна активност за да се спречат злоупотреби и непланска градба, а пред да се издаде дозвола за нови објекти, ќе се обезбеди соодветна инфраструктура – водовод, канализација, улици и соодветен број на паркинг места.

Посебен акцент ќе ставиме на заштита и проширување на зелените површини, бидејќи Карпош мора да се развива во хармонија со природата, а не на нејзина штета. Само така конципирана општина, може и ќе се развива на еколошки одржливо ниво, врз темелно обмислени економски проекции, која на карпошани ќе им овозможи поквалитетен живот, не само на сегашните генерации, туку и на нашите идни поколенија.

Јавниот интерес и правото на граѓаните на хумано живеење за мене како човек се апсолутен приоритет. Урбанистичките планови мора да бидат во согласност со реалните потреби на заедницата, со капацитетите на инфраструктурата и со заштитата на животната средина, а не во служба на профитот на поединци.

Карпош мора да се развива рамномерно, преку модерно дизајнирани улици, доволен број достапни паркинг-места, со изградба на современи училишта и детски градинки, со достоинствено уредени паркови и зеленило, какви што и прилегаат на една современа еколошки ориентирана општина. Ве уверувам дека нема да дозволам профитот на малкумина да ја диктира иднината на општината. Напротив, за мене, секој план почнува и завршува со граѓаните – тие се силата и иднината на нашата општинавели Лукровски.

(ИНТЕРВЈУ) Сотир Лукровски: На Карпош му е преку глава од профитери кои 30 години го цицаат за сопствен ќар!

Според кандидатката на СДСМ Маја Мојсова, урбанизацијата треба да биде планска, фер и одржлива. Затоа, како што вели, ќе бара заеднички решенија со Град Скопје и институциите, но пред се ќе инсистира на ред и визија со цел Карпош да се развива со мерка и почит кон животната средина, а не со хаос и импровизации. Доколку биде избрана за градоначалничка, таа најавува дека ќе нема проект без минимум 50 отсто зеленило, без доволно паркинг-места, без детска градинка…

Ова лето конечно се соочивме со вистината дека градењето мора да оди рака под рака со инфраструктурата. Без претходна сериозна анализа на капацитетите, вода, канализација, електрична мрежа, не смее да почне ниту еден нов проект. Граѓаните видоа што значи кога урбанизацијата е побрза од инфраструктурата, делови од Карпош останаа без вода, и тоа е аларм дека мора да се работи поинаку. Мораме да размислуваме и за климатските промени кои веќе влијаат врз ресурсите и можат да доведат до траен недостиг на вода.

Затоа ќе воведеме практични решенија, зелените површини да се наводнуваат со техничка или индустриска вода, а не со питка, и секој граѓанин да сфати дека живеењето во заедница бара солидарност и грижа за соседот. Недостатокот на вода и канализација најмногу се гледа во делови кои првично биле викенд-населби, а подоцна прераснаа во зони за постојано домување. Таму, пред да се дозволи ново градење, треба да се направи сериозна проценка дали инфраструктурата може да издржи. Ако не, понатамошната градба мора да се стопира сè додека не се најде решение.

Алумина е проект кој покажа една важна лекција, кога некој купува плац во Карпош, не купува само метри квадратни туку презема и одговорност за заедницата. Затоа инвеститорите мора да разберат дека нивните апетити треба да се усогласат со јавниот интерес. Моето правило е јасно, без минимум 50 отсто зеленило, без доволно паркинг-места (барем по две за стан), без детска градинка и без ограничување на висината според соседните згради – нема проект.

Делот покрај Илинденска е со години оставен како депонија, а според Генералниот урбанистички план тој е зона Д3 – што значи паркови, зеленило, рекреација. Јас гледам таму простор како на Централниот парк во Њујорк – зелено срце на градот, каде семејствата ќе шетаат, младите ќе спортуваат, а граѓаните ќе дишат. Тој простор не смее да се претвори во нова бетонска џунгла. Карпош не смее да стане заложник на ничии приватни интереси. Урбанизацијата мора да се гради по мерка на луѓето, не по мерка на профитотвели Мојсова.

(ИНТЕРВЈУ) Маја Мојсова: Карпош е како пациент кој итно треба да стане на нозе!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести