Стевчо Јакимовски го привршува четвртиот мандат како градоначалник на Карпош, a на овие локални избори се натпреварува за петти градоначалнички мандат. Според него, Карпош важи за најразвиена општина токму поради неговото досегашно управување и менаџирање. Во интервју за „Фокус“, Јакимовски говори за досегашните постигнувања и за проектите што ги планира во иднина ако повторно ја добие довербата од граѓаните. Тој е убеден дека ќе влезе во вториот изборен круг, кога, како што вели, очекува поддршка од сите опозициски сили. Сепак, смета дека веројатно по локалните нема да има и предвремени парламентарни избори.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: До последен миг калкулиравте дали да влезете во натпревар за 5-ти градоначалнички мандат во Карпош. Кои беа вашите главни мотиви и причини за да донесете ваква одлука?
ЈАКИМОВСКИ: Најпрво, сакав да ги оставам останатите кандидати да се претстават пред јавноста, особено едниот канидат, кој вршеше сериозно кршење на Изборниот законик. Два месеци води кампања, па оставив еве да видат граѓаните на Карпош што има да им каже.
Во изминатиот период сме ги решиле скоро сите инфраструктурни проблеми. Училиштата се тип-топ, немаме проблеми ни со канализации, ни со улици, буквално со ништо. Одлучувам да побарам 5-ти мандат зашто можам најбрзо и најефикасно да ги решам проблемите на граѓаните на Карпош, а тоа се пред се проблемите во делот на паркирањето, со зголемување на капацитети на градинките, предлагаме нови субвенции…
Не би сакал прекин во континуитетот со субвенции за лифтови, за кровови, за талентирани ученици, за возачки дозволи. Даваме субвенции и за бушење на бунари во индивидуалните домаќинства, за да имаме техничка вода за полевање на дворови и бавчи, и со тоа да ја намалиме потрошувачката на вода. Ќе даваме субвенции за возила на електричен погон, ќе продолжиме со изградба на паркови, плоштади, фонтани…
ФОКУС: Кои проекти би ги издволиле како ваши најголеми постигнувања изминатиот мандат и кои се ваши главни заложби и ветувања за следниот мандат, ако ја добиете довербата на граѓаните?
ЈАКИМОВСКИ: Прво, ја деблокиравме општинската жиро-сметка, поставивме ново улично осветлување со кое штедиме 60 илјади евра секој месец, ги реконструиравме сите училишта, ја осовременивме наставата со смарт-панели, обезбедивме по една компјутерска училница во секое училиште, поставивме фотоволтаични системи, скоро сите спортски игралишта во сите училишта се со вештачка трева, започнавме изградба на градинка, завршуваме со изградба на втора градинка, очекуваме да започнеме со изградба на нови занимални во Пролет во Влае…
Во Бардовци вложуваме над 2 милиони евра за улици, канализации, поплочување, реконструираме повеќе улици во Карпош, започнуваме со улица Софиска, Џумајска, Атинска… Немаме проблеми со фекална канализација, останати се мали делови.
Нашата насока е кон реконструкција на делови од канализација, каде се јавува запушување поради многуте дрва во парковите кои ги оштетуваат пластичните цефки, бидејќи скоро да немаме ќерамички цефки. Сето тоа е обврска на Водовод – ние сами градиме, но одржувањето е нивна обврска, ним им се плаќа за тоа, но очигледно јавните градски претпријатија се во колапс.
Во следниот мандат планирам да го решаваме паркирањето, да изградиме катни гаражи во Карпош 1, Карпош 2, позади Министерство за економија, кај Млечен, да изградиме платформа кај Педагошка академија, кај Лептокарија да одиме со 2 нивоа подземно паркирање, во Порта Влае и кај Сити Мол да воспоставиме нов режим на сообраќај…
Инаку, јас се залагам за комплетна реформа на локалната самоуправа, да преминат дел од полициските овластувања на комунална полиција, за да воспоставиме ред и предок пред се во делот на хигиена, паркирање, брзо возење… Ќе би дадам пример.
Можно ли е градежните дозволи да ги даваме ние, терасите за кафулињата да ги одобрува Град Скопје, а одобрување за вршење на дејност во тоа кафуле да дава Министерство за економија? Не може да бидат 3-4 институции одговорни, одговорноста мора да биде на едно место. Барам одговорност и овластување за градоначалниците и за Општина Карпош и гарантирам тип-топ општина.
ФОКУС: Кого гледате како најсериозен противник од вашите двајца главни противкандидати (Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Мојсова од СДСМ)? И каков исход очекувате на изборите во Карпош? Дали очекувате да влезете во втор круг и ако е така – какви коалициски соработки се можни?
ЈАКИМОВСКИ: Па, во предизборието не можев искрено да откријам што е понудата, сега во изборната кампањата ќе имам повеќе можноста да видам кои се нивните предлози па врз основа на тоа ќе го формирам и своето мислење.
Очекувам задолжително да влезам во втор круг, тоа го кажуваат анкетите. Очекувам поддршка од сите опозициски сили во Карпош, зашто за овие 2 години државата е отидена во тотален во ќор-сосак, како на меѓународен така на внатрешен план.
Сведоци сме на секојдневно девастирање на институциите, гледате што се случува под раководство на Христијан Мицкоски и Александар Николоски врз институциите и нивното влијание врз градските институции. Што ни се случува со сметот, со одржување на зеленилото, со градскиот сообраќај…
Градот да гори, а вие да не се согласувате да се вработуваат пожарникари е навистина нерационално, и затоа мислам дека опозициските сили во Карпош се доста големи и очекувам поддршка од сите опозициски настроени партии и граѓани.

ФОКУС: Колку за овие проблеми и состојби што ги споменавте е виновна и скопската градоначалничката Данела Арсовска, бидејќи централната власт го вперува прстот кон неа од причина што станува збор за прашања во надлежност на локалната самоуправа?
ЈАКИМОВСКИ: Тие имаат голтнато една лента што се вика Данела Арсовска, но не кажуваат дека во управните одбори членуваат членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се директни негови другари и братучеди кои управуваат со овие јавни претпријатија.
Ако Управниот одбор не одобри набавка на возила за комунална хигиена, како тие ќе набават? Ако не гласа за вработување на пожарникари, како ќе вработуваат?
И мнозинството во Град Скопје го има Мицкоски и гледаме дека таа опструкција е поради неговата филозофија колку полошо толку подобро. Меѓутоа, очигледно е дека ѓаволот излезе од ламбата и сега работата е од лошо-полошо.
ФОКУС: Вие на ланските локални избори победивте во трката за градоначалник, но вашата партија ГРОМ освои 2 советници. Каков резултат очекувате на советничката листа на овие избори и колку без поддршка од Советот можевте и би можеле да комотно да функционирате?
ЈАКИМОВСКИ: Очекувам многу подобар резултат на советничката листа од минатиот пат.
Второ, мора да знаете дека јас и во 2009 година бев без мнозинство во Советот, и сега бев без мнозинство, но, сепак, не дозволив да се блокира работата.
Практично, работата на општината ја спаси моето долгогодишно искуство, а за жал овие кои се нудат и кои се кандидираат во Општина Карпош може да купат дипломи, но искуство не можат да купат. Тоа не се продава на ниеден факултет, тоа искуство го имам јас и тоа ми овозможи успешно менаџирање и балансирање за да не се блокира Советот, да се донесат буџетот, програмите…
Само да потсетам, вративме долг од 5,5 милиони евра, уште 650.000 евра неплатен данок на УЈП, платите се 100 отсто зголемени, градевме, правевме, реконструиравме и не дозволив да ме блокираат.
Но, во исто време, покрај такви блокади и целосна антиградежна хистерија, го зголемивме буџетот на Карпош за 5,2 милиони евра, што значи дека сме работеле домаќински и сериозно, како резултат на моето искуство. Ги зголемивме даночните приходи, што е невообичаено, зашто обично сите градоначалници чекаат средства од комуналии од градбите итн.
Една паралела да ви дадам… Гледате колку згради се градат во Аеродром, во Центар само се градат педесетина згради, а во Карпош се гради само една единствена висококатница. А приходите во буџетот на Центар се само 100 милиони денари поголеми од оние Карпош.
ФОКУС: Но, поради тоа што немавте мнозинство и поддршка во Советот, не реализиравте одредени замисли, како на пример, урбанистичкиот план со кој предлагавте висококатници во делот на Алумина.
ЈАКИМОВСКИ: Причините за негласање на плановите се лукративни, најмалку е поради тоа што мислат добро за граѓаните или било што. Јас сакам Карпош да се модернизира, да има модерни современи градби.
Но, во исто време со средствата од комуналиите што ќе ги добиеме да ги реконструираме фасадите по цела Партизанска, да направиме подземно паркирање кај Лептокарија, да направиме еден прекрасен плоштад…
Со две нивоа подземно паркирање ќе ги решиме проблемите со паркирање и на десната страна на Партизанска, кои имаат 50-60 стана во една зграда, а долу има простор за петнаесетина коли и сите тие паркираат во делот на Лептокарија.
Јас сум човек кој сака да ги решава проблемите, но за тоа ни требаат соодветни приходи. Сме ги научиле лекциите од минатото, водиме сметка што ќе се гради и како, тоа никому да не му смета, но во исто време инсистираме на драстично зголемување на бројот на паркинг-места.
Со градење на Алумина очекуваме дека ќе го решиме проблемот со паркирање и по улица Прашка, и кај Настел, и кај Сити Плаза.

ФОКУС: Често сакате да кажете дека во ваше време Општина Карпош се трансформирала во најурбана општина и најдобро место за живеење. Но, токму на темата урбанизација сте исложен на најсилни критики, во смисла дека таа се одвива неконтролирано. Како одговарате на тоа и како гледате на ова прашање на подолг рок – дали треба да се гради, што да се гради, каде да се гради…?
ЈАКИМОВСКИ: За жал, урбанизмот стана метода на пресметка, особено со мене. Ѓорче Петров во моментот нема 50 згради, но изгласаа ДУП со нови 54 висококатници. Во Општина Центар во моментот се градат над 50 згради.
Јас само би запрашал, еве и Вас би ве запрашал, од Рузвелтова, Теодосиј Гологанов, Илинденска, до Жена-Парк, кажете ми каде има квадрат зеленило? Од Жена-Парк до Рампа, исто така, каде има квадрат зеленило?
Комплексот Лимак е најголема бетонизација во државата во квадратен метар, но тоа се користи против мене како метод за политичка борба.
Карпош има 72 илјади метри квадрати зеленило, кое е одлично е распределено. 17,8 отсто од дрвната маса во Град Скопје се наоѓа во Карпош. Тоа се официјални податоци на Шумарскиот факултет и зборуваме за урбаниот дел, тоа е организирано зеленило во Карпош, не зборуваме за Водно, Зајчев рид, Злокуќани, Бардовци итн.
Сепак, не сакам да кажам дека тоа е доволно, туку ќе ги зголемуваме зелените површини.
ФОКУС: На еден митинг неодамна Мицкоски рече дека се занимавате со интриги и водите кафеанџиска политика. Како ги коментирате овие дисквалификации од Мицкоски, со кого порано бевте блиски соработници и коалициски партнери?
ЈАКИМОВСКИ: Мицкоски одамна го загуби компасот во политиката. Тој има предложено лош кандидат за Карпош, комплетно се безидејни, немаат никаква понуда и единствена понуда им е да ги користат своите мегафони и да водат црна кампања.
За разлика од нив, јас имам што да понудам и не ме засега што зборува Мицкоски. Јас не сакам да му се допаднам нему, туку на граѓаните на Карпош.
ФОКУС: Каков генерален резултат очекувате на локалните избори и дали очекувате предвремени парламентарни избори?
ЈАКИМОВСКИ: Очекувам граѓаните силно да го изразат опозициското расположение. Најбитно е да имаме мирен, фер и демократски изборен процес, за да има мирен постизборен процес.
Ако не е така, тогаш после изборите ќе има конфликти и тоа ќе ја доведе државата во нестабилност. Затоа, сметам дека сите треба да дадеме придонес за фер и демократски избори.
Дали ќе има предвремени избори, ќе зависи од овие избори. Ако локалните избори се лоши за власта, таа ќе настојува да пролонгира избори. Ако тие се добри за нејзе, во што се сомневам, таа може да инсистира на предвремени избори.
Сепак, мислам дека веројатно Македонија нема да оди на предвремени парламентарни избори.

ФОКУС: Колку, условно кажано, ви виси над глава првостепената затворска пресуда за изградба на општинската зграда? Како очекувате овој судски процес да финишира и како тоа ќе се одрази врз вашето политичко делување?
ЈАКИМОВСКИ: Во кошарката тоа се вика дали играчот знае да игра под притисок. Тоа значи кога има пресинг од противничката екипа, дали тој знае да го најде вистинскиот играч. Епа јас сум научен да играм под притисок во континуитет.
Јас сум бил опозиција и на Љубчо Георгиевски, на Никола Груевски, на Зоран Заев, и Карпош сум ја направил водечка општина во Република Македонија, така што знам да играм под притисок.
Што се однесува до пресудата, од сателит се гледа дека е политичка пресуда, наменска за овие избори, донесена од судија кој бил стручен соработник на Влатко Ѓорчев, на Љубиша Георгиевски, на Трајко Велјановски…
За жал, има и други работи кои се зборуваат, но во секој случај оваа пресуда е донесена од судството за кое нашиот премиер вели дека има 2 отсто рејтинг.