Со читање на пресудата за случајот Монструм денеска започна јавната седница за петкратното убиство на четирите момчиња и рибарот, кои беа убиени на 12 април, 2012 година кај Смиљковското езеро.
Судијата известитител Џемаили Саити потсети на кој начин бил организиран и извршен велигденскиот масакар. Читајќи ги пресудите на Кривичниот и Апелациониот суд со кои шестмината обвинети беа осудени на доживотен затвор истакна дека директни извршители на убиството биле браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, како и Алил Демири, Хаки Азири бил задолжен за транспортот, задачата на Сами Љута била бирањето на локацијата и давање логистика, а Фејзие Азири го организирал бегството на браќата.
Судијата потсети и на начинот на кој монструозно беа убиени жртвите набројувајќи разно разни докази и сведочења на јавни и загрозени сведоци.
Двајца од адвокатите образложувајќи ги жалбите на обвинетите пак ја негираа нивната вина.
– Не постоеше ниту еден непореден доказ кој би укажал на евентуална вина на обвинетите, туку пресудата е донесена само врз база на индиции – истакна адвоктот Ѓорѓи Настевски.
Неговиот колега Насер Рауфи додаде дека случајот Монструм е класичен монтиран предмет.
– На многу наивен и привиден начин е дојдено до монтирање на обвинението за случајот, а потоа и на пресудите. Во монтирањето е искористен загрозениот сведок Е1, возилото Опел омега, како и вешатачето на доказите – рече Рауфи.
В.В.