Јасмина за „Фокус“: Живееме македонско-американски живот и убаво ни е

by fokus

 

Јасмина Мукаетова, која што пред десеттина години беше една од нашите најпопуларни, но и најангажирани фолк пејачки, а денес живее со сопругот и децата во Њу Џерси, Америка, вели дека одлично се вклопила во тамошниот начин на живот, но истовремено останала верна и на нашата традиција. Во нивниот дом се славеле и македонските, но и американските празници, а куќата постојано им била полна со смеа и радост, и со врати отворени за пријатели од Македонија, но и од Америка.

„Сите православни празници ги почитуваме и славиме како што е редот. Секоја година имаме посна трпеза и лепче со паричка за Божиќ, баклави за Прочка, но и мисирка за Денот на благодарноста кој што се слави во Америка. Децата уживаат во празнувањето на Ноќта на вештерките, и сме прилагодени на овој македонско – американски начин на живот. На нашите корени остануваме верни, но ги прифативме и традициите кои што овде се почитуваат“ – вели кавадарчанката која што работи во семејната транспортна фирма заедно со сопругот Трајче. Додава дека поголемиот дел од нивните вработени се по потекло од Македонија, а поради секојдневното опкужување со нашинци, но и поради работните обврски, нема време за носталгија.

„Домот ти е таму каде што ти се саканите, па затоа јас овде покрај сопругот и синовите се чувствувам исполнето и среќно. Имаме многу пријатели од Македонија со кои што активно се дружиме, заедно си ги почитуваме нашите обичаи, но уживаме и во американските адети. Прилагодувањето е секогаш полесно ако си отворен за нови предизвици, ако немаш предрасуди и ако ги почитуваш сите вери и нации“ – вели Јасмина, која што во лето доаѓа во Македонија, да се види со родителите и роднините.

Околу враќањето на музиката, раскажува дека планира да сними албум со обработки на стари македонски песни, но редовните настапи за неа биле минато, бидејќи времето и било исполнето со обврските околу децата, но и приватниот бизнис.

Таа ја започна својата кариера во 1989 година, како поп пејачка, но по две години заплови во водите на фолк музиката. Со својот атрактивен изглед, но и големата професионална посветеност, набргу стана една од најбараните пејачки кај нас. Беше редовна на сите фолк фестивали, постојано снимаше нови песни и спотови, помеѓу првите кај нас редовно изработуваше професионални фото сесии. Речиси во исто време со неа, кариерата ја започнаа и нејзините колешки Елена Велевска и Сузана Гавазова, и за нив трите се велеше дека направија револуција на фолк сцената со својата појава и пристап кон фолкот, кој што во минатото како да беше резервиран само за посериозни пејачки, закопчани до грло и со нискобуџетни спотови.

Јавноста беше изненадена кога во екот на својата слава реши да го продолжи животот во Америка, каде што се омажи за својот сограѓанин Трајче, и комплетно се посвети на семејството. Но и покрај тоа што со години наназад не е дел од естрадата, Јасмина сеуште може да се пофали со одличниот изглед. Препознатливите руси кадрици, витката линија и одличниот моден стил сеуште се нејзин заштитен знак, а вели дека знае да запее дома, на семејни свечености, за љубов на семејството и пријателите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости