Три деца чии родители се во потешка финансиска состојба добија таблети на подарок, за да можат да ја следат онлајн наставата во Штип. Зад овие подароци кои ги израдуваа учениците не стои голема компанија или пак некој локален бизнисмен, туку 22-годишно момче од Штип, кое изминативе 18 месеци живее и работи во Америка.
Младиот Михаил Димитров, заминал сам во Веил, Колорадо, во потрага по подобар живот, додека неговите родители останале во Штип. Се вработил како асистент менаџер во мал ресторан, и уште минатата година, само неколку месеци по пристигнувањето во САД, донирал средства за набавка на ЛЦД проектор во средното училиште во родниот Штип.
Во разговор за ,,Фокус” појаснува дека нема да запре овде, и како неговата хумана мисија продолжува.
-Знам дека многу дечиња поради пандемијата се спречени да следат настава со физичко присуство, па затоа решив да помогнам колку што можам. Три таблети завршија во вистинските раце, драго ми што помогнав на неколку семејства и ги израдував малите ученици.
Мотивот да помогнам таму каде што можам, постои во мене откако знам за себе. Ме радува што гимназијата во која што и јас самиот учев, сега има ЛЦД проектор, а чувството дека некому сум му го разубавил денот и дека сум помогнал, кога тоа било потребно, во случајов во дечињата кои немаа како да ја следат онлајн наставата, ме води напред, да продолжам понатаму со конкретни дела – раскажува Михаил.
Додава дека неговите родители се многу горди на него, иако кога биле обезбедени средствата за набавка на таблетите сакал да остане анонимен. Но, веста за подарените таблети се проширила низ градот, а штипјани на социјалните мрежи барале да се објави кој стои зад хуманото дело.
-За реализацијата на оваа моја иницијатива многу сум му благодарен на администраторот на социјалната страница посветена на нашиот град, ,,Штипска идила,,. Нема да застанам овде, а мојата порака до јавноста е мудрата мисла на Махатма Ганди – Биди промената која сакаш да ја видиш во светот! И секој од нас може да биде токму таа промена-ни изјави младото момче.
Вики Клинчарова