СДСМ целиот изминат период од независноста на земјава ги голташе и сѐ уште ги голта, место сите нас и место ВМРО-ДПМНЕ, најгорчливите апчиња препишани од светските доктори за здравје на болешливиот организам на Македонецот, опиен од националистичките сладуњави ликери на „патриотите“.
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Како либерал со блага левичарска нишка уште од почетокот на повеќепартизмот јасно ми се оцртаа траекториите на двете најголеми политички партии кај Македонците.
ВМРО-ДПМНЕ, грубо кажано, го сортирав во една тврда патриотско-популистичка творба, која со децении тлеела и копнеела со огнена завист да се добере до местото на „црвената буржоазија“, кое набргу и го зазеде и со апетит го густираше, обидувајќи се на сите начини да го камуфлира своето скромно потекло со виенски балови, со измислен раскош, поточно со лажен буржоаски имиџ (СК 2014).
СДСМ, како наследничка на комунистичката партија, уште на стартот потрча да му се препорача на западниот свет како модерна социјалдемократска творба од капиталистички тип, која е решена да го замачка своето комунистичко потекло со тврди методи од неолиберализмот преку приватизацијата на општествениот капитал и дискретниот почеток на класното раслојување на населението: на новопечени богаташи капиталисти, новопечени пролетери и осиромашена средна класа.
„МАЛА“ РАЗЛИКА ГОЛЕМА КАКО ПЛАНИНА
И многумина ќе речат дека се во право кога велат дека и едните и другите се исти!
Добро, во многу нешта се исти, но во едно, и тоа во суштинското нешто, меѓу тие две политички гледишта стои онаа „мала“ разлика, голема како планина, која е од фундаментално значење за опстанокот и развојот на државата Македонија, па и за опстанокот на македонскиот народ.
СДСМ целиот изминат период од независноста на земјава во периодите кога бил власт ги голташе и сѐ уште ги голта, место сите нас и место ВМРО-ДПМНЕ, најгорчливите апчиња препишани од светските доктори за здравје на болешливиот организам на Македонецот, опиен од националистичките сладуњави ликери на „патриотите“.
И додека едните гледаат да поминат низ минското поле на меѓународната политика со што помалку жртви, ВМРО-ДПМНЕ сака, како што вели нашиот народ „со сув газ риби да лови“!
Сака без да си ги наводени панталоните и без да зацапа во реката некако да се добере до власта само со патриотски воздишки и со постојана врева околу криминалите на власта, подрачје во кое изгледа најдобро се снаоѓаат.
Додуша, имаат богато искуство и веднаш го препознаваат „гешефтот“ кај социјалдемократите и интегративците. Дека го има, барем така изгледа отстрана, и дека нешто коруптивно смрди и во владеењето на СДСМ и ДУИ, тоа го наслутуваме, но со резерва.
А, ќе го прифатиме, и тоа без никаква резерва, тогаш кога тие „криминали“ ќе се сместат во една нормална обвинителско-судска приказна.
ДОЈДЕ ВРЕМЕ ДА СЕ НАВОДЕНАТ
Е сега е дојдено времето сите пратеници во Парламентот да навлезат во реката што тече, да се наводенат, кој до појас, кој до гуша, а ВМРО-ДПМНЕ, еве, нека биде наводенето само малку до глуждовите со неколку пратеници, но сите заедно да ги истуркаат уставните промени и да се качиме на чамецот за Европа.
Никој да не се секира, а најмалку ВМРО-ДППМНЕ. Постои некоја закономерност во политиката. Онаа власт што за добро на нацијата презема непопуларни чекори, на првите следни избори ја губи власта. Така ќе биде и со СДСМ по донесувањето на уставните промени.
Дури и големиот Винстон Черчил ги изгубил изборите по победата во Втората светска војна. Народ како народ веднаш почнал да му замерува и да се прашува: па, морал ли да влегува во војна со Хитлер? А, дека морал, историјата за кратко време докажала.
И Ципрас ги загуби изборите поради Преспанскиот договор, па ако сакате и Јадранка Косор си замина од политичката сцена заради компромисот што го направи со Словенија за Хрватска да влезе во ЕУ.
Србите имаат еден добар израз за тоа: „Кад се мора, врло драго“. Јас сфаќам дека се мора, иако со тешко срце, а колку сфаќаат тие во Парламентот дека тоа мора да се истурка, летово ќе дознаеме!