Јас на мои години не се откажувам, оти морам да си ја гледам фамилијата, зборуваше Ферус во последното интервју за „Фокус”

by fokus

По три недели поминати во кома по доживеан мозочен удар, популарниот саксофонист и кларинетист Ферус Мустафов (72) ја изгуби битката за живот. Негови колеги и почитувачи на неговата музика се простуваат со него на социјалните мрежи, и потсетуваат на неговата големина како талентиран музичар, но пред се како човек.

Мустафов, кој е роден во Штип и таму ги помина последните години од животот заедно со сопругата Јелена и ќеркичката Мелек (11), помеѓу блиските беше познат како сочувствителен и скромен човек, посветен на семејството, но и на музиката.

До последен момент тој настапувал, а во последното интервју за ,,Фокус” од пред три години, во ек на пандемијата со Корона вирус, и самиот раскажуваше дека секогаш достоинството му е на прво место, па колку и да е тешка состојбата во која тогаш се најдоа музичарите, тој никогаш јавно не би се жалел и не би барал помош.

-Јас примам минимална пензија, сопругата Јелена не е вработена, иако веќе подолг период бара работа. Ја имаме ќеркичката Мелек која има девет години, се снаоѓаме како умееме. Минималната пензија е доволна да се платат сметките, но не се жалам. Имам помош од семејството, толку години сум настапувал, сум заработувал, срамота е сега да излезам во јавност и да барам помош од државата-раскажуваше музичарот.

Откри дека не добил ниту денар од државната помош која тогаш поради кризата беше одобрена за неговите колеги, бидејќи како на пензионер не му следувала, и изјави дека не ни планирал да седи со скрстени раце и да чека пари од буџетот.

-Познавам многу колеги, музичари, кои си имаат и друга работа покрај музиката, ама беа најгласни да добијат парична помош и од државата. Не го оправдувам тоа, класична злоупотреба е. Посебно оние младите кои бараа помош, не знам зошто не се снаоѓаат, не може така да се седи и да не се работи ништо друго, пандемијата може да потрае со години, на товар на државата ли да бидат цело време?

Каде е инстинктот за преживување, мора да се работи нешто, а не да се чека некој да ти даде. Јас на моја возраст не се откажувам, јасно ми е дека мора сам да се снаоѓам за да си ја гледам фамилијата, а од друга страна гледам како млади, во свои 30-ти или 40-ти години чекаат друг да ги помага.

Нека ми простат, ама кога гледам дека нешто не е во ред, не можам да премолчам, исто како со ситуацијата со музичарите од странство. Музика е ова, уметност, кој има дарба и квалитет, ќе си најде начин да си живее од музицирање, кој не, од друго место нека си бара леб. Сепак, не можеме да одиме едни против други, потребно е да се има разбирање за сите кои се од нашата бранша, сеедно од која земја доаѓаат – раскажа музичарот по последното интервју за ,,Фокус”.

Музичарот има син и ќерка од првата сопруга Лиле, со која се разведе во 2007 година, по околу 35 години брак. Неговиот внук Ферчо тргна по неговите стапки и веќе подолг период активно се занимава со музика. Со сопругата Јелена ја имаат ќерката Мелек, а кога ја добија Ферус имаше 62 години. Често раскажуваше дека е горд на своето семејство и се радува кога куќата му е полна со луѓе.

Вики Клинчарова

Поврзани новости