Јапонија сè уште го поседува најсилниот пасош во светот, според The Henley Passport Index, кој ја рангираше Македонија на 42-то место.
Имено, индексот на „најсилен пасош“ се одредува според тоа во колку земји граѓаните на една земја можат слободно да патуваат, односно без виза.
Така, граѓаните на Македонија, судејќи според оваа листа, со пасошот кој се најде на 42-то место, можат без виза да патуваат во 125 земји.
Кога се во прашање земјите од регионот, Словенија е најдобро рангирана. Пасошот на оваа земја се најде на 10-то место, чии граѓани заедно со Естонците и Литванците можат да заминат во 181 земја низ светот. Хрватскиот пасош е на 17-та позиција (173 земји).
Подобро од Македонија е рангирањето на пасошот на соседна Србија, која е на 36. место со можност за безвизно патување во 135 земји.
Црна Гора е едно место позади Македонија, на 43 место (125 земји без виза).
Пасошот на Босна и Херцеговина (БиХ) се наоѓа на 47-то (117 земји без виза), Албанија на 49-тото (114 земји без виза).
Турскиот пасош се најде на 50-то место, додека пасошот на Руската Федерација го зазеде 46-тото место.
Кога станува збор за Јапонија, која со години е на првата позиција, граѓаните на таа земја можат слободно, односно без визи, да одат во дури 192 земји, што е подобрување во однос на 2018 година, кога Јапонците можеа да заминат во 189 земји без виза.
Јапонија го дели првото место со Сингапур, кој беше на второто место во 2018 година.
Германскиот и јужнокорејскиот пасош се на второ место, додека третото место го делат Финска, Италија, Луксембург и Шпанија, чии граѓани можат да одат без виза во 189 земји.
На четвртото место се најдоа Австрија, Данска, Франција, Холандија и Шведска. Нивните граѓани, според овој индекс, можат без виза да одат во 188 земји.
Ирска и Португалија се на петтото место (без визи во 187 земји), а потоа следат Белгија, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД (186).
Романија е на 16. место (174), а Бугарија на 17. (173).
Најлоши пасоши имаат граѓаните на Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан, Јемен и Сомалија, чии граѓани без визи можат да патуваат во околу 30 земји.