ВМРО-ДПМНЕ има прецизни информации за оперативци од полициските структури и лица од раководството на СДСМ кои финансираат и подбуцнуваат насилство кое треба да се насочи кон ВМРО-ДПМНЕ, изјави синоќа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, откако централното партиско седиште беше офарбано со црвена боја.
-Впрочем, на сето ова претходела и една средба во еден од скопските кафулиња каде лица од СДСМ биле во друштво со лица со дебело полициско досие, при што биле стимулирани да предизвикаат насилство. Ова е вистинското диктаторското лице на Зоран Заев. Во негови раце е и полицијата и судството и сите механизми да го спречи сето ова и да ги открие сторителите – рече Јанушев.
Тој додаде дека опозициската партија подолго време предупредува оти власта готви насилно сценарио спроведувано од свои инсталации и полициски структури, чија цел, според него, е да го втурне ВМРО-ДПМНЕ во насилство за полесно да се делегитимира борба против капитулацијата со договорот за името.
-Власта преку овие и слични провидни провокации посакуваат нов 27 април, каде Зоран Заев би се прикажал за жртва, а ВМРО-ДПМНЕ би била оцрнета. Првиот таков неуспешен пример беа насилните протести пред собрание, каде за жал колатерална штета беа недолжни граѓани, жени и деца. Тоа е целта и на овој напад, за кој многу веројатно дека ќе сака да се прикаже како наводно незадоволство на незадоволници од ВМРО-ДПМНЕ, а впрочем вистинската одговорност лежи во оние кои ја имаат власта – истакна генералниот секретар на ДПМНЕ.
Тој ги повика сите членови да се воздржат од било какви провокации од страна на власта и побара соодветна реакција од надлежните органи.
-Предупредуваме дека како партија која го има најголемото членство во иднина ќе бидеме приморани да се самоорганизираме со цел да обезбедиме минимум безбедност. И тоа е наше право – порача Јанушев.