Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, обвини за тежок изборен инжинериг во текот на денешното гласање. Според него забележани се низа нерегуларности, паника кај власта, закани и поткупи кон избирачите.
-Наши индиции говорат дека има организирано гласање, семејно гласање, притисоци, закани, уцени, поткуп, злоупотреба на полицијата. Во Прилеп е забележано организирано гласање, луѓе од СДСМ во текот на целиот ден собираа гласачи од своите домови. Постои сомнеж дека дел од овие луѓе се носени со закани и поткуп. Ново Село беше буквално под полициска опсада. Партискиот дел од полицијата целосно го запоседна Ново Село. Закани за апсење на луѓе, во Битола беше присутно целокупното подземје на градот, осудени криминалци заплашуваа – рече Јанушев.
Тој обвини за организиран превоз на гласачи во Шуто Оризари со такси компанија блиска до власта, и за групно гласање во Чаир.
-Денес народот победи, првите резултати пристигнуваат, очекуваме одлични резултати за ВМРО-ДПМНЕ, со најголем број на гласови. Се освен победа на Силјановска ќе фрли темни дамки за изборен инжинеринг со притисоци, закани и поткуп. Но ќе победиме. ВМРО-ДПМНЕ се враќа на голема врата – рече Јанушев и додаде дека наскоро ќе ги соопштат првите резултати.