Ако материјалите за случајот „Рекет“ кои излегуваат во јавноста ги поседува обвинителството на Вилма Русковска, тогаш наместо на одмор и замрзнување на истрагата досега требаше да даде налог Катица Јанева и Зоран Заев да бидат приведени, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
– Боки Тредичи не само што кажува дека има зборувано со Заев за изнудата, туку и во материјалите тврди дека тој нема да прави проблеми. Ова е потврда на сомнежите дека Боки 13 не бил сам. Ако веќе станува јасно дека Катица Јанева комуницирала и давала насоки, сега веќе постојат сериозни индиции дека исти вакви насоки на лицето Боки му давал и Зоран Заев – рече Јанушев.
Тој додава дека во снимките Боки 13 јасно и гласно кажува дека зборувал со Заев за целата операција. Покрај тоа, истакнува Јанушев, Боки 13 покажувал заеднички приватни слики со Заев и кажува за чести заеднички средби.
– Ако сето ова го знаеле од обвинителството на Русковска и ако ова е дел од материјалите кои ги имаат како докази, зошто ја манипулираа јавноста дека демек еве Зоран Заев прв пријавил? Овој материјал посочува дека тој дури и да пријавил, тоа го сторил за да се спаси, бидејќи знаел дека постојат докази за неговата вмешаност во целата операција на Боки 13 и Катица Јанева и веројатно дал амин таа да се реализира – рече Јанушев.