Кабинетот на премиерот на Словенија нема да ја коментира темата за таканаречениот нон-пејпер за Западен Балкан, е одговорот што денеска го доби Радио Слободна Европа на барањето за интервју со словенечкиот премиер Јанез Јанша, по повод наводниот документ што го проследил до Европскиот совет.
На помалку од три месеци пред почетокот на словенечкото ротирачко шестмесечно претседателство со Европската унија, во медиумите се појавија тврдења за наводен предлог на Јанша за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин да се реши хроничниот проблем меѓу шест земји во регионот.
Со исклучок на Хрватска, која е членка на ЕУ, другите пет земји во своите приоритени цели го имаат приклучувањето кон Унијата.
Словенечкиот портал „Нецензурирано“ денеска објави наводна копија на контроверзниот документ.
Според објавената содржина, се зборува за прекројување на границата меѓу Србија и Косово, а предвидена е и можност за отцепување на ентитетот Република Српска од БиХ, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанското мнозинско население кон Албанија и припојување на делови од западна Херцеговина кон Хрватска.