Како што Блаже Конески ја везе својата песна истакнувајќи притоа: „Два конца парај од срцето драги, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави траги, другиот копнеж и светол и стрвен“, така Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку промовирањето на зборникот „Конески на 11 јазици“ ја допишува својата историја.
Со овие зборови проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, го поздрави придонесот на странските македонисти, поради кои, стихови и мисли од Блаже Конески одекнаа на 11 јазици, како руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, турски и грчки во новиот зборник под наслов „Конески на 11 јазици“, пренесе Факултети.мк.
Зборникот беше промовиран пред два дена на онлајн-конференција, а се објавуваат делови од творештвото на Конески кои претходно не биле преведени на сите овие јазици.
Така, по само неколку месеци, според ректорот, се радуваме, но и се гордееме со зборникот „Конески на 11 јазици“.
– Преводот е една од инстанците преку која се остварува „интерлитерарниот комуникациски чин“ на македонската со другите литератури и прв знак за излегување од полуанонимноста и од тесните национални рамки. Зашто, само преку рамноправно соочување со другото, туѓото, универзалното, ќе може адекватно да се вреднува и своето, домашното, националното, ќе се утврдат сличностите, но и разликите, а со тоа и самосвојноста, уникатноста и оригиналноста на македонската литература – посочува Јанкуловски.