Јанкуловска и другите од „Тврдина“ во среда на испрашување кај судија на претходна постапка

by Фокус

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги пишува жалбите против домашниот притворт на Горан Грујевски, началникот на Петта управа, осомничен за уништување системи за прислушување и за фалсификување исправи во досието „Тврдина“. Рокот за жалби истекува попладне во 17.30 и СЈО ќе се обиде да аргументира пред Советот на апелација дека сериозноста на кривичните дела не дозволува Грујевски да биде дома, или уште помалку на слобода, како што сакаат неговите адвокати и кои сигурно ќе го искористат правото и тие да се жалат на домашниот притвор.

СЈО смета дека доказите и сведоците се толку силни што Грујевски ќе се обиде да влијае врз нив, да избега или пак да го повтори делото. Затоа сметаат дека мерката притвор во моментов е адекватна. Кривичниот совет на Основниот суд 1 процени дека судијата на претходна постапка погрешил кога определил притвор во Шутка, па тие, тројцата судии, Александра Крстиќ, Ивица Стефановски и Јани Нича одлучија мерката да се замени. Сега конечниот збор ќе го има повисокиот совет. До тогаш, најевројатно до утре или задутре кога ќе се знае одлуката на апелација, Грујевски останува во притвор.

Во меѓувреме СЈО ги поднесе времените мерки за другите осомничени во „Тврдина“. Јанкуловска, еден началник, и уште двајца вработени се осомничени дека учествувале во процесот на уништување на системите за следење, но и во фалсификувањето на исправите со кои сакале да го сокријат ништењето на опремата вредна 10 милиони евра. За нив СЈО бара одземање на патна исправа, одалечување од работните места, ограничено движење… Во среда сите осомничени ќе се појават пред судија на претходна постапка да се изјаснат за наводите околу предложените мерки на СЈО. Јанкуловска по втор пат ќе се соочи со судот, откако се извлече од притвор во претходното досие за изборни нерегуларности „Титаник“. Таа како третоосомничена во слуачајот „Тврдина“ формирала комисија за ништење на опремата, иако не биле почитувани процедурите, но и тајноста на класифицираните информации.

Што се однесува до предметот „Тортура“ барањата за времени мерки за полициските алфи за грубото апсење на Бошкоски, СЈО ќе ги поднесе наредната недела затоа што МВР мора писмено да им одговори со податоци за осомничените, пред се со опис на нивните работни места. Во тој случај Мијалков е првоосомничен, додека останатите шестима се припадници на „Алфа“, меѓу кои и тогашниот предводик Ивица Антевски Пуки. И за нив СЈО предлага оддалечување од работните места и ограничено движење.

СЈО до сега отвори три истраги. Врзани се за буквата „Т“. Во „Титаник“ се одговорни Јанкуловска, Јанакиевски, Божиновски и уште неколкумина дека местеле избори. Во „Тортура“ осомничен е Мијалков, а во „Тврдина“ истрагата ги гони Грујевски од УБК, Јанкуловска и уште неколкумина од МВР.

Поврзани новости