Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска не сведочеше на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, откако мнозинство од членовите на комисијата, во сооднос 8 наспрема 6, гласаа против дневниот ред кој предвидуваше Јанкулоска да биде сослушана.
Затоа, седницата беше експресно затворена и сега се очекува да започне нова седница на која треба да сведочи премиерот Никола Груевски, кој потврдил дека ќе даде изјава пред членовите на Комисијата, откако првиот пат ја одби поканата поради службени обврски.
Истото го стори и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој ќе биде сослушан на 17 декември, додека екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков и шефот на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер не ги прифаќаат поканите, ниту најавуваат кога ќе може позитивно да одговарат на поканата на пратениците.