„И јас и бебето се чувствуваме добро. Петар е тежок 3.125 грама. Многу сум среќна“, вели за „Независен весник“, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа вчераутро се породи во една од приватните скопски клиники.
Нејзината бременост беше во центарот на јавноста откако за неа се дозна среде судењето за случајот „Тенк“, односно набавката на луксузниот мерцедес, за што беше обвинет и поранешниот премиер Никола Груевски. На Јанкулоска, поради ризична бременост, постапката и беше издвоена.
Подоцна таа преку писмо им се обрати на министерките за Социјала, Мила Царовска и за Правда, Рената Дескоска, барајќи да помош од нив како жени во врска со третманот што го добива од судијката Добрила Кацарска. Дескоска и одговори дека поминало времето на тефтерчињата, а Кацарска и порача да не си поигрува со судот и закажа 25 рочишта за „Тенк“, почнувајќи од 29 август. Таа рече дека ќе ги почитува мајчинските права на Јанкулоска, поради што ќе и остави повеќе од 45 дена по породувањето. На нејзината одбрана им упати предупредување дека тогаш нема да бидат земени во предвид никакви оправдувања и боледувања и дека доколку не се почитуваат датумите за судење ќе бидат преземени и други мерки.