Јаневска вели дека Мицкоски не бил „активен“ во ВМРО-НП, но во партијата на Љубчо бил поранешен бизнис-партнер на премиерот!

Јас не знам дека Мицкоски бил во НП. А и да бил, што има толку лошо? Еве јас сум била во НП и тоа значи дека ќе бидам лош министер. Ако сакате да ми кажете дали бил активен во ВМРО-НП - не бил, рече министерката за образование Весна Јаневска, која потврди дека дел од партијата на Љубчо Георгиевски своевремено бил Орце Тодоровски, поранешен партнер на премиерот Христијан Мицкоски во бизнисот со хидроцентрали.

by Фокус

Откако универзитетската професорка Весна Јаневска беше именувана за министерка за образование, „Фокус“ забележа дека таа во својата официјална биогрфаија, која тогашниот мандатар и сегашен премиер Христијан Мицкоски ја достави до пратениците, изоставила неколку податоци, меѓу кои дека била претседателка на Пописната комисија кога пописот пропадна, како и дека беше в.д.претседател на ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски.

Весна Јаневска – поранешна в.д. претседателка на ВМРО-НП и несудена ректорка на УКИМ, која ќе министерува со ресорот образование!

Во емисијата „Во Центар“, Јаневска рече дека не и била целта да ги скрие овие информации, туку, како што објаснува, многу брзо ја пишувала биографијата, па заборавила да ги наведе позициите во Пописната комисија и ВМРО-НП, иако притоа не заборавила да наведе многу постигнувања на професионален план. Таа вели дека се гордее со сите функции, кои ги доживува како големо искуство преку кои стекнала знаења и вештини.

Постоењето на ВМРО-НП беше исклучително значајно за државата. НП беше коректор и на власта и на опозицијата. Откако престана нејзиното активно учество во општеството, настанаа драстични промени. Не сум егоцентрична, па да речам дека Народна беше клучен фактор, но беше значаен фактор во креирање на политики… – рече Јаневска.

За потсетување, таа е доктор на науки на Медицинскиот факултет и специјалист по патологија, која имаше неуспешен обид да стане ректор на УКИМ пред да стане претседателка на партиската комисија за образование во рамки на ВМРО-ДПМНЕ, како увертира на нејзиното именување за министерка за образование после политичките промени.

Што се однесува до нејзината политичка кариера и извршувањето на јавни функции и должности, таа во сиви-то навела дека била пратеник од 2006 до 2008 година, но не и дека таа беше в.д. претседател на ВМРО-НП, која се формираше во 2004 година од страна на приврзаници на актуелниот лидер на оваа партија Георгиевски, по кулминацијата на конфликтот меѓу него и Никола Груевски во ВМРО-ДПМНЕ.

Јас не знам дека Мицкоски бил во НП. Еве јас да ве прашам – а и да бил што има толку лошо? Еве јас сум била во НП и тоа значи дека ќе бидам лош министер. Не знам дека тој бил. Ако сакате да ми кажете дали бил активен во ВМРО-НП – не бил. А, за кого гласал не можам да знам – изјави Јаневска, одговарајќи на прашањето дали и актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер своевремено бил дел од НП на Георгиевски?

Додека министерката вели Мицкоски не бил „активен“ во ВМРО-НП, без притоа да тврди дека тој воопшто не бил дел од групата во Народна која подоцна се префрли во ВМРО-ДПМНЕ (Игор Гиевски, Спиро Ристовски, Александар Георгиев…), таа потврдува дека во оваа партија, додека таа била в.д. претседател, бил Орце Тодоровски-Ефто. Станува збор за човек кој е поранешен бизнис-партнер на Мицкоски во фирма што доби концесија за мали хидроцентрали.

Да, а зошто е популарен Ефто, не ми е познато… Тоа се способни луѓе, лојални на државата и на партијата и мислам дека затоа беа цел на напад („Делчевски ниви“)… Тоа се луѓе кои од деца се во партијата, нема ништо лошо. Партиите имаат членство. Тоа се квалитетни луѓе и се покажале, партијата ги ценела. Со години од деца растеле во паритјата… – рече Јаневска.

Во однос на прашањето дали оваа „лоби-група“ работи за неа и го носи Мицкоски на власт, Јаневска вели:„Јас со лоби-групи не работам, мојата сериозна потпора во овој момент е мојот професионален кабинет и ништо друго. Дел од нив биле мои соработници, но јас не сум од тие кои велат ова е мој човек. Нема мој човек човек, но соработници биле. Биле во младина на НП и преминуваат во ДПМНЕ и добиваат функции. Некој проценил дека се способни…“

Како што своевремено пишуваше „Фокус“, Мицкоски бил содружник во компанијата „Енерготек“ заедно со споменатиот Тодоровски, како и со Сашо Наумоски, Димитар ДимовскиТрајче Николоски и Стефан Трајкоски. Поточно, најголем содружник со влог од 3.600 евра беше Наумоски, по кој следува Тодоровски со влог од 2.200 евра, Димовски со влог од 1.400 евра, Николоски со влог од 1.200 евра, па Мицкоски со влог од 1.000 евра. Најмал удел од 600 евра имал управителот Трајкоски.

(АРХИВА) Како Мицкоски и партнерите добија концесии за три хидроцентрали?

Како што објавивме, „Енерготек“ формирал конзорциум со струмичката „Минка-ДА“, што всушност овозможило заедничкиот субјект „Минка-Енерготек“ да ги исполни условите од јавниот повик за концесија за мали хидроцнтрали, особено во поглед на висината на приходите. По завршувањето на целиот процес, „Минка-ДА“ се повлекува од конзорциумот, па на „Енерготек“ му останува бизнисот, кој се состои од хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати и 2 хидроцентрали на Клепалска река – едната со капацитет од 180, а другата со 313 киловати.

Две години подоцна, односно во 2020 година,  обелоденивме како и под кои услови тогашниот опозицискиот лидер и денешен премиер излегол од сопственичката структура на компанијата. Всушност, тој го продал уделот од 7 проценти за 700 евра, а договорот за пренос на удел го склучил со Жан Чупаркоски од Прилеп. Во договорот стои дека по истапувањето Мицкоски нема никаква права, обврски или идни побарувања од друштвото, а Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата, сразмерно од вложениот основачки влог.

Мицкоски го продал уделот во „Енерготек“ за 700 евра, поседува куќа во Влае од над 300 квадрати!

Ако Јаневска во биографијата го испуштила делот дека била в.д. претседател на ВМРО-НП, Мицкоски пак не навел дека поседувал удели во „Енерготек“, како и во уште едно друштво – „Фонко-Хидро“. Во врска со тоа, премиерот ни изјави дека тоа е резултат на фактот што не е воопшто релевантно за конкретната функција што ја извршува. Од Владата велат дека овие податоци во континуитет се непроменети, проверени, објавени и доставени до сите институции.

Фонко Хидро“ е компанијата што ја основал заедно со еден од сопствениците на „Фонко“ во 2010 година. Основна дејност на компанијата била проектирање, инженеринг и изведба на енергетски објекти. Компанијата целосно ја напушта и уделот го продава првата година откако станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката, пак, да не се спомене друга компанија („Енерготек“) е резултат на фактот што тоа не е воопшто релевантно за конкретната функција што тој ја извршува“, ни изјавија од Илинденска.

Зошто Мицкоски во биографијата не ги навел уделите во приватни компании?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости