Советот на јавни обвинители денеска се интересираше и јас убаво им објаснив во врска со отстранувањето на двете обвинителки од тимот на Специјалното јавно обвинителство и оставам Советот да си донесе одлука, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева откако пред тричлена комисија на Советот на јавни обвинители ја образложи оваа одлука.
-Јас, согласно законот, имам рок до 15 март да доставам извештај за мојата досегашна работа до Советот и до Собранието. За тоа денеска не бев прашана. Членовите на Советот ме прашуваа за околностите поради кои јас сум донела таква одлука, по што тие врз база на мојот исказ, но и нивниот ќе донесат одлука. Двете обвинителки повеќе не доаѓаат на работа во СЈО, рече Јанева.
Сашо Василевски, претседател на Комисијата за утврдување на релевантноста на исказите, рече дека Комисијата нема надлежност да утврдува и презентира некакви заклучоци, туку само да ја утврди релевантноста на изјавите, а одлуката е на Советот.