Јанева ќе добие адвокати по службена должност доколку во понеделник не се појават нејзините бранители во судница

by fokus

Денешното рочиште за случајот “Рекет” се одложи, бидејќи во судница екс специјалната обвинителка Катица Јанева беше сама, односно нејзините адвокати не се појавија.

Адвокатот Дељо Кадиев се уште е на болничко лекување, а и адвокатката Ирена Фрчковска била со нарушена здравствена состојба.

-На 21 стигнато е барање за одлагање на рочиштето од адвокатката Ирена Фрчковска, заедно со медицинска документација со известување за отворено боледување. И за адвокатот Дељо Кадиев е пристигната информација дека од 8 јануари е на болничко лекување, истакна судијката Васка Николовска Масевска.

Таа се обрати до обвинетата Јанева, бидејќи се работи за притворски предмет, и не смее да се одолговлекува постапката, па ја праша дали ќе ангажира други адвокати или да назначи адвокати по службена должност.

-Јас имам адвокати, толку ќе кажам, рече Јанева.

Откако судијката инсистираше да се произнесе, Јанева рече:

-Не би сакала да бидам погрешно сфатена, ваши се одлуките, вие одлучете, рече Јанева.

Тогаш судијката посочи дека доколку во понеделник не се појават адвокатите, ќе и ангажира бранители по службена должност.

Во судница беше присутна обвинителката Лиле Стефанова која требаше да сведочи.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости