Специјалното јавно обвинителство ќе поднесе жалби до Советот за утврдување на факти, претставки, но и кривична пријава за судијката Татјана Михајлова, за фалсификување на службената исправа.
Катица Јанева во изјава за „Дојче Веле” порача оти време јавноста да знае дека судиите веќе не може да се кријат зад нивните функции.
-Досега ги игнориравме, но веќе е време јавноста да знае дека судиите не може да се кријат зад нивните функции, повикувајќи се на имунитетот и на слободното и независно судиско искажување, бидејќи овде се работи за повреда на кривичната постапка- изјави Јанева.
Таа потсети дека голем број одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се однесуваат токму на повредата на таа процедурална рамка.
-Веќе се изготвени жалби до Советот за утврдување на факти, за судии кои ја повредуваат кривичната постапка во делот на предистражната и истражната постапка, но и во делот на закажаните рочишта по предмети. Таква претставка ќе има и за судијката Татјана Михајлова, а против неа ќе поведеме и постапка по членот 361 од Кривичниот законик, за фалсификување на службена исправа- изјави Јанева.
Ова следува по денешното рочиште за случајот „Насилство во Општина Центар“ во кој главен обвинет е експремиерот Никола Груевски. Судијката Михајлова ги обвини Катица Јанева и Фатиме Фетаи за недолично однесување и им изрече казни од по две илјади евра. На крајот, го одложи и рочиштето.