На обвинителна клупа, денеска во Кривичниот суд, треба да седнат Бојан Јовановски, Зоран Милевски-Кичеец и екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, бидејќи треба да стартува судењето за случајот „Рекет“. Се очекува судењето да го проследат голем број на новинарски екипи од земјава, но и странство.
Tројцатa обвинети денес, по четири месеци откако беше отворена истрагата, ќе се видат во судница, бидејќи досега им беше забрането да комуницираат. Јовановски ќе биде донесе од истражниот затвор Скопје, а Јанева и Кичеец од домашен притвор.
Според обвинението, Кичеец и Боки 13 од бизнисменот Орце Камчев побарале 8 милиони евра за со амин на Јанева да го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“. Тој наводно им исплатил 1,5 милион евра, а обвинителството успеало да докаже каде завршил еден дел од парите.
Обвинетите досега имаа шанса, но не се спогодија со обвинителството. Сега, седнати на обвинителна клупа ќе имаат можност уште на првото рочиште да признаат вина и за нив судњето тука да застане, или пак да се изјаснат за невини, по што ќе следува доказната постапка.
Јанева е обвинета за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за што ѝ се заканува затворска казна од најмалку три години затвор. Боки 13 кривично се гони за две дела и тоа „Примање награда за противзаконито влијание“, за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години, и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за што исто така е предвидена затворска казна од 1 до 10 години. Кичеец, пак, е обвинет за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, за што му се заканува затворска казна од 1 до 10 години.
В.В.