Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ќе го решава проблемот со вишок на грозје не само на кавадарчани, туку на сите лозари во земјава. Тој не извести дека е изготвена физибилити студија, со помош на експерти од областа на винарството и лозарството, според која најидеално решение на проблемот е изградба на дестилерија.
-Физибилити студијата е доставена до премиерот Зоран Заев, до министерот за земјоделство Љупчо Николовски и советникот за земјоделство, Ленче Николовска, односно до сите релевантни институции. Очекуваме позитивен одговор, односно средба за понатамошни разговори и имплементирање на самата студија. Желба ми е да нема никогаш вишок на грозје, а секогаш кога ќе има, оваа студија нуди адекватно решение за решавање на проблемот – изјави Јанчев.
Според експертите вклучени во физибилити студијата, за да се изгради ваков преработувачки капацитет во рамки на постоечка винарија ќе бидат потребни 2 милиони евра, а интерес од најголемата винарија и постоел. Доколку пак би било потребно да се гради целосно нов објект кој ќе го складира и преработува грозјето во дестилат, тогаш би биле потребни 20 милиони евра. Градоначалникот вели дека верува како студијата ќе биде сериозно разгледана и прифатена од страна на владата.
Во годините наназад, поради вишок на грозје се случуваше камионите и тракторите со натоварени приколки и по неколку дена да чекаат влез во винариите и откупните пунктови, да потегнуваат врски за да им биде откупено грозјето, а многумина поради слабиот откуп и ниските откупни цени се решаваа од грозјето да прават вино и ракија во домашни услови. Неретко, револтирани поради константните проблеми со откупот, се случуваше лозари да го истурат грозјето пред откупните пунктови во знак на револт.
Вики Клинчарова