Советот на општина Кавадарци едногласно му даде овластување на градоначалникот Митко Јанчев да ги раскине договорите за јавно приватно партнерство за осветлување и зонско паркирање, кои беа потпишани од претходното општинско раководство.
Договорот за зонско се раскинува еднострано од Општината, а за осветлување, спогодбено.
По повод одлуката за раскинување на договорот за осветлување, социјалдемократот Лазар Туриманџов упати критики на адреса на претходниот градоначалник и советници од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што рече, потпишале штетен договор, поради кој кавадарчани плаќале по 250 евра за една светилка.
-Договорот за одржување и модернизација на уличното осветлување во Кавадарци склучен во 2012 година ја чини општината 644.682 евра за 64 ануитети. Претходниот градоначалник дозволил годишно да се плаќаат по 120.000 евра, нагласи Туриманџов, барајќи ревизија и одговорност.
Извор: МИА