Јанакиески: Од УЈП не излегле на гласање, адреса нека им најдат и дома да им одат!

by fokus

На денешното рочиште за случајот “Титаник” се презентираат “бомби” поврзани со изборните нерегуларности за време на локалните избори во 2013 година, за време на вториот изборен круг.

Според разговорите, тогашниот министер Миле Јанакиески на 7 април 2013 година, односно на денот на гласањето, на неколкумина соговорници им дава насоки да вртат телефони на вработени во јавната администрација за да излезат на гласање. Според информациите кои ги имал Јанакиески, гласачите кои ги имале на списоците, не излегле на гласање.

Еден од соговорниците го уведува дека сите гласаат па му вели: “Еве јас и баба ми ја вадам на 92 години да гласа, не пак другите”.

Јанакиески се јавува на друг соговорник и му вели:”Андоновски фамилија излегоа на гласање? Ги дала Јулијана на список”, по што соговорникот му вели дека ќе провери.

Во паника Јанакиески веднаш се јавува и на друга соговорничка, на која и вели дека според списоците над 20 гласачи немаат излезено на гласање во Дебар Мало, по што ги кажува по име и презиме за да ги проверат.

Друг соговорник пак му дава извештај дека од 201 гласачи кои ги има на список, претежно вработени во училишта, само четворица не излегле на гласање.  Друг пак му дава информација дека на гласање се појавиле петмина гласачи со непостоечки датум на раѓање во личните карти.

Јанакиески посветено продолжува да врти телефони, па на соговорник му вели: “Абе овие од УЈП не излегле на гласање, нека им најдат адреса и дома нека им одат!”

Дел од гласачите пак сами му се јавуваат на Јанакиески и лично му се правдаат дека излегле на гласање. Една фамилија пак не можела да гласа зошто заминале во Штип, бидејќи имале смртен случај, починал татко, на што Јанакиески вели: “Оф мори мајко умрел”.

 

Поврзани новости