Мане Јаковлески, на панел-дискусијата што ја организира ВМРО-ДПМНЕ како одговор на опозицискиот марш на 11 октомври, му даде поддршка на партискиот лидер Никола Груевски во име на основачите и ветераните на партија. Воедно, тој испрати предупредување до неговите политички противници да не си поигруваат со ВМРО и Македонија.
– Ние, основачите и ветераните на ВМРО ДПМНЕ, го поддржуваме лидерот на партијата да истрае на патот по кој чекори и заедно да ги победиме сите зла кои се исправени пред македонската држава и народ. А, на самопрогласените спасувачи, им порачуваме: не се играјте со Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, седете подалеку, за да не се изгорите. ВМРО-ДПМНЕ, не е само партија, туку идеологија – рече Јаковлески.
Тој во својот говор спомена низа личности кои, според него, биле битни за формирањето и градењето на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои првиот партиски лидер Љубчо Георгиевски, кој, пак, неодамна изјави дека моменталното вмровско раководство е удбашка инсталација. Инаку, дури и братот на Јаковлески – Гојко Јаковлески, во континуитет бара Груевски да ја напушти лидерската позиција поради недемократски манир на владеење.