Стевчо Јакимовски – градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција реагираше на новодонесениот Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 16, во централното подрачје на Ѓорче Петров, кој вчера беше изгласан од Советот на општина Ѓорче Петров.
Според Јакимовски, планот предвидува изградба на една 20-катница, четири 17-катници, две 14-катници, шест 12-катници, седум 9-катници, седум 7-катници и уште десетина помали згради во кои е предвидно да живеат над 10.000 жители.
Вели, со тоа ќе се врши дополнителен притисок врз инфраструктурата во Општина Карпош, особено врз канализациската.
Јакимовски рече дека покрај зградите, предвидена е изградба и на две хемиски фабрики чии отпадни води ќе одат во канализацијата во Карпош.
„Дали сега им е јасно на граѓаните зошто ја раскинав коалицијата со Христијан Мицкоски? Ја раскинав токму поради неговата непринципиелност, некоректност. Затоа што гледате како се однесува таму каде што има интерес и какви инструкции дава на својата партија дури на вонредна седница да извршат таква огромна бетонизација во непосредна близина на неговото живеалиште. Навистина е чудно како нему му пречи деветкатница на 200 метри од него, а не му пречат 20-катници, 17-катници, 14-катници на 500 метри од неговото живеалиште. Можете да видите како се обидуваат со спинови да ни кажат дека таму ќе имало училиште, па дури и име му дале – ќе се викало ‘Гоце Делчев’“ – порача Јакимовски.
Обвини дека овој ДУП во Ѓорче Петров е донесен на, како што вели, криминален начин, затоа што истиот нема одобрение од Град Скопје.