Kритиките кон нас главно од политичките противници се предимензионирани, за моите 8 и пол години во Карпош се изградени вкупно 37 висококатници, а во Аеродром се изградени 150 за истиот период, но колку се изградени во Центар, вели градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“.
-Ние, како локална самоуправа, треба да им кажеме што може, а што не може. Над нас е генералниот урбанистички план и ако тој некаде вели треба да има зеленило, мора да вцртаме зеленило. Ако ГУП-от вели овде ќе биде домување, тогаш мора да цртаме домување.
Е сега прашањето е колкави ќе бидат тие објекти. Јас сум поборник да не ги шириме, треба да се оди во висина, но никако да се зафаќаат огромни простори под изговорот дека ќе правиме мали објекти до 5-6 ката, ама ќе се рашириме на сите страни и ќе го уништиме зеленилото – вели Јакимовски.
Тој посочува дека поништувањето на неколку урбанистички планови од страна на Уставниот суд, по допис од поранешниот претседател на Советот на Карпош, била политичка одлука и, како што вели, увертира во пресметката со него.
–Искрен да бидам, како човек сум подготвен да издржам сѐ, и добро и лошо. Впрочем, граѓаните нѐ избираат на овие места за да ни аплаудираат на заслугите, но во исто време, ако имаме грешка, да нѐ казнуваат и да сносиме последици.
Како градоначалник веќе во четврти мандат, можам да кажам дека имало грешки, но тие не се големи и одговорно тврдам дека Карпош била водечка општина во ефикасноста на работењето, почитувањето на законските прописи и со нулта толеранција на криминал и корупција – вели Јакимовски.
ФОКУС: Велите дека сте против широки објекти, но во ваше време беше изграден објектот „Настел“ во Тафталиџе, кој беше нарекуван бетонско чудовиште и стана симбол на таканаречената бетонизација.
ЈАКИМОВСКИ: Грешка е во нејзиниот архитектонски лик, во концепцијата на зградата, зашто бевме убедувани и требаше на еден интересен начин објектот да биде разигран. И во самиот објект требаше да има цели процепи за да струи воздухот, но очигледно инвеститорот, за да може да има што е можно повеќе квадрати и локацијата да му биде поисплатлива, освен два пасажи низ кој се поминува, нема ниту еден процеп.
ФОКУС: Од друга страна, велите треба да се оди во висина. Сега беше актуелен случајот со изградба на висококатница кај поликлиниката Букурешт, но велите дека не може да оди толку високо колку што предвидува ДУП-от.
ЈАКИМОВСКИ: Да, ќе ја правиме таа пониска, но доволно висока. Има згради од 14, 12, 20, 28 ката, но нејзината парцела не дозволува 28 ката, зашто ќе треба да одиме 8, 10 нивоа под земја за паркирање. И затоа тој објект не може да има 28 ката.
ФОКУС: Може ли да кажете кога ќе биде донесен планот за Алумина, каде што со стариот план се предвидуваат голем број високи објекти?
ЈАКИМОВСКИ: Веднаш по моето доаѓање минатата година побарав од Секторот за урбанизам на советниците да им бидат презентирани сите урбанистички планови во изработка и во подготовка. Советниците за првпат се запознаени уште пред појавувањето на плановите во анкета и даваа свое мислење.
Но, во одредени моменти сум поразен. И покрај сите мои добри намери да разговараме, не сум добил никаков одговор од советничките групи. Едноставно, чекаат што било да се појави на урбанистичката сцена, за да го дочекаат на нож.
Но, јас сум дојден да ги решавам проблемите, а меѓу нив е немање урбанистички планови, особено таму каде што има индивидуално домување, а луѓето не можат да доградат, надградат…
ФОКУС: Но, за тоа никој не спори, реакциите се во однос на висококатниците, и затоа во фокусот беа неколку планови – кај „Борис Трајковски“, Алумина, Влае…
ЈАКИМОВСКИ: Во Влае истата зграда е цртана неколкупати од 2000 година наваму и никогаш немало проблеми, проблемот е Христијан Мицкоски, кој живее на стотина метри од тој објект.
Киното Влае и сите објекти околу него беше првиот трговски центар во Македонија изграден во 1964 година. Кај поранешната самопослуга имаше ресторан во изминатите 15 години и Христијан разбрал дека тука ќе се прават свадби, па инсистираше да нема ресторан. Добро, сопственикот се откажа од таа идеја.
Па, требаше „Тинекс“ да се прави во интерес на снабдување на граѓаните, но Христијан сметал дека нема да може лесно да оди до дома од паркирани возила. И од таа идеја се откажа сопственикот.
Очигледно, и станбена зграда му пречи. Јас не знам како се осмелува да се прави газда на нешто што не е негово, а во исто време гледаме дека парите што ги има од централите не ги искористи евентуално да го купи овој имот, па што сака нека прави со него.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ