Помилување не може да добие терорист, порача претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во интервјуто за Телма. Секој терорист што има намера да влезе на територија на Република Македонија треба да знае дека никогаш нема да биде помилуван, и треба да се помири дека неговиот живот ќе заврши во затвор, дециден беше Јакимовски.
-Значи, ќе влезе во затворската ќелија и следниот пат кога ќе излезе тоа ќе биде кога ќе заврши неговиот живот, и тука нема дилема околу тие работи, рече претседателскиот кандидат.
Запрашан за помилувања во случаи кои вклучуваат висока корупција, Јакимовски рече дека високата корупција е приказна која ја смислил западот за да ја држи Македонија во „лимбо“ позиција.
-Зборуваме за тешки кривични дела, за жал, ние до сега иако формиравме специјално обвинителство, имаме толку големи институции, ние засега можеме повеќе да зборуваме како некоја приказна за високата корупција, отколку за вистинска корупција во високите кругови на власта. тоа е една приказна која што ја создадоа нашите западни партнери како би можеле македонија постојано да ја држат во некоја лимбо ситуација, рече Јакимовски.