Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, треба да објасни како се здобил со својот капитал.
Лидерот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој извесен период беше и коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, истото прашање го постави и до Мицкоски – како тој се стекнал со својот имот.
„Мицкоски да одговори на колку години ја направи својата првата хидроцентрала. Дали тоа беше кога тој е советник во владата на Груевски, дали тоа беше пред да стане директор на ЕСМ, или првата хидроцентрала ја направи откако стана директор на ЕСМ? Да нема забуни – во опис и попис на работните задачи на директорот на ЕСМ стои да гради хидроцентрали и да овозможува снабдување со електрична енергија, но хидроцентрали за државата и за народот, не за себе. Тој во овој случај има градено за себе и затоа легитимно е прашањето на колку години тој стекна таков милионски имот“ рече Стевчо Јакимовски.
Тој смета дека прашањето не е тешко и лесно се одговара. Ако го прашувате Дрин Ахмети за имотот, тогаш и Мицкоски треба да каже за својот капитал.
„Треба да каже зашто сите го прашуваат ова младо момче, и навистина е чудно, толку млад да стекнеш толкав капитал, но имаме и претендент за власт во оваа држава и треба да видиме како тој, толку млад, го стекнал тој капитал и на колку години ја направи првата хидроцентрала“ – вели Јакимовски.
Од опозициската партија излегоа со реакција.
„Ја разбираме задачата на Стевчо Јакимовски која пред се е мотивирана од концесиите кон ДУИ и кон таткото и синот Ковачевски и сега има мисија да шири невистини, измислици и лаги кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тоа што го збори Стевчо Јакимовски е тоа што му наредил тандемот Ковачевски. Тоа е и причината зошто Јакимовски после 6 години власт на СДС и ДУИ и украдени милијарди збори за ВМРО-ДПМНЕ, а не за она што е изворот на проблемите во државата“ велат оттаму.
Му порачаа на градоначалникот на Карпош „Ако е толку убеден во тоа што го збори, следниот пат наместо во прашална форма нека оди во потврдна форма за да може да се докаже вистината пред судовите“.