Фактот дека најдобро рангираниот универзитет во Македонија, „Св. Кирил и Методиј“, се наоѓа на 1.300. место на ранг-листата универзитети во светот е само доказ дека е неопходно да се преземаат ефикасни мерки за унапредување на квалитетот во високото образование, рече Стевчо Јакимовски, претседател на владејачката ГРОМ.
– Ние се залагаме за дијалог и за здружување на напорите заради подигнување на квалитетот на високото образование. Прв предуслов за тоа е отворање на широка дебата, во која покрај државата ќе биде вклучена академската заедница, студентите, бизнис-секторот и граѓанските организации. Притоа, треба да се тргнува од позициите дека државата ги креира правилата на игра, но не смее да учествува во играта кога станува збор за академското образование – рече Јакимовски.
Од ГРОМ предлагаат неколку мерки во таа насока, како на пример, итно заострување на нормативите и на стандардите за вршење високообразовна дејност, бесплатна реакредитација на сите студиски програми, јавна кампања како почеток на бескомпромисна борба против корупцијата и злоупотребите во високото образование, професионализација и кадровско зајакнување со врвни експерти и професионалци од сите научни подрачја на Одборот за акредитација и евалуации…