Утре стартува судењето за убиството на Ангел, во Ѓорче Петров

by fokus

Осумнаесет годишниот Насер Е. обвинет за убиството на матурантот Ангел Петковски, што се случи во мај годинава, во скопската населба Ѓорче Петров, утре ќе седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1.

Судскиот процес стартува откако минатиот месец обвинителството поднесе обвинителен акт против осомничениот, на кој му се заканува казна затвор од најмалку 5 години, за убиство со умисла, а дополнително ќе се гони и за тешка кражба.

Од обвинителството појаснија дека обвинетиот се сомничи дека на 19 мај годинава, околу 17 часот, во дворот на семејната куќа на семејството на Ангел, како што велат, на дрзок начин  одзел еден  велосипед. Поточно, влегол во дворот, па откако бил забележан и укорен од таткото на сега починатиот, обвинетиот се качил на велосипедот и со него побегнал.

-По кражбата на велосипедот, се упатил кон  пешачкиот мост кој води кон селото Сарај, каде на патеката на насипот го пречекале, па таткото на сега покојниот го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, а сега покојниот го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. При тоа, обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега починатиот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, објаснуваат од Обвинителството.

Потоа, според обвинителството, таткото на Ангел и сега покојниот, се упатиле до Европската очна болница да побараат медицинска помош, но како резултат на повредите од убодната рана дошло до брзо и обилно внатрешно и надворешно искрварување и развиток на хеморагичен шок, што довело до смрт на скалите пред болницата.

Извесно е дека судскиот процес ќе почне без да биде обезбеден главниот доказ, ножот, кој истражните органи не успеаја да го најдат по немилиот настан.

Поврзани новости