Јакимовски: Неодговорно е во градинките да се примаат деца од надвор, а децата од Карпош да седат дома

by Fokus

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски утрово имаше работен состанок со директорите на градинките на подрачјето на општината на кој беше разговарано за главниот проблем – големиот број на деца од општината кои чекаат на упис во градинките. Констатирано е дека главни причини за проблемот се ограничените просторни можности и непочитувањето на одлуката на Советот да не се запишуваат деца од други општини. Градоначалникот смета дека е неодговорно однесувањето на директорите да запишуваат деца од други општини, а при тоа  децата од општината да седат дома.

Како што информираат од Општина Карпош, директорите на градинките го информирале градоначалникот Јакимовски дека во одредени објекти има простор за отворање на нови занимални во кои би се згрижиле околу стотина деца, но за тоа се потребни околу 12 нови вработувања за кои до сега нема одобрување од Министерството за финансии.

Јакимовски најави дека во текот на следните денови ќе се бара решение за проблемот. Во моментот, на листа на чекање во градинките Мајски цвет, Пролет и Распеана младост има околу 350 деца.

– Бев на состанок со директорките на градинките на општина Карпош за да го апсолвираме главниот проблем што е причината што толку деца чекаат на упис во општината. Има неколку причини. Првата причина е просторните можности на градинките, втората причина е тоа што и таму каде што има простор за вклучување на уште една-две занимални за да се примат таму дваесет до триесет дечиња, но, Министерството за финансии не одобрува нови вработувања за негователи и воспитувачи. Како што гледаме, во Тафталиџе 1 имаме потреба од уште една до две занимални, автоматски на тоа и персонал. Ни требаат дванаесеттина лица за да можеме да згрижиме уште најмалку стотина деца. Инаку во моментот колку деца чекаат во општина Карпош? Во Мајски цвет чекаат 206 деца, во Пролет чекаат 105 и во Распеана младост 34, рече Јакимовски.

Тој додаде дека има уште еден проблем кој, како што рече, се однесува на тоа што биле запишувани деца од други општини со што се кршела Одлуката на Совет, со која тоа се забранува.

– Навистина е неодговорно од директорите да запишуваат деца од други општини, а нивните соседи од општина Карпош да не можат да ги запишат своите дечиња, што е недозволиво. Во наредните денови ќе бараме решение за овој проблем, изјави по состанокот градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.

Поврзани новости