После жестоките преписки и тешките зборови па дури и закани што меѓусебно си ги упатија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот прeтходник Никола Груевски, се чини дека двајцата барем засега ја спуштаат топката.
Мицкоски и Груевски си разменија тешки обвинувања, но и ниски удари за печатни грешки и лажни солзи!
–Јас до 19-ти септември еден збор јавно не сум кажал против ВМРО, иако со многу нивни политики не се согласувам. Но, јавно не кажувам за да не направам штета. И сега многу внимавам. Толку работи можам да му одговорам на Александар да не може да се отплетка со месеци. И на Христијан. Па, да се занимаат само со мене, да не знаат што ги снашло – рече Груевски пред десетина дена на „Инфомакс“, по што веќе не кажа ниту збор за матичната партија и актуелното раководство.
Во меѓувреме, Мицкоски истакна дека ја затворил оваа тема, посочувајќи дека се што имал да каже, веќе кажал. Во интервјуто за последниот број на неделникот „Фокус“, тој вели дека не сака да навлегува „црни игри на политичката сцена“.
– Тоа што имав да кажам за овој случај, го кажав јасно и гласно и ја затворив таа тема и немам намера да правам естрада на политичката сцена. Стојам позади секоја изјава своја и на луѓето што се дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето што ме познаваат, знаат дека не сум човек што лесно гази на гнила штица. Многу тешко можеби носам клучни одлуки, туку ги носам кога работата е поткрепена со многу факти – рече Мицкоски во интервјуто.
Во однос на прашањето дали очекува Груевски на следните избори да застане зад градоначалниците на Карпош и Скопје, Стевчо Јакимовски и Данела Арсовска, тој одговара:
„Очекувам секој еден граѓанин да застане на страната на правдата, прогресот и на Македонија, т.е. да застане заедно со ВМРО-ДПМНЕ, а секој што е антипод на ова што го зборувам, тогаш сигурно ќе биде добар спаринг-партнер на овие што се сѐ, само не ова што го зборувам јас“.
Инаку, Јакимовски веќе јавно го повика Груевски да не му се правда на Мицкоски и на изборите да му покаже кој е кој. Што се однесува до Арсовска, пак, на прашањето дали ќе прави партија со Груевски, таа низ смеа одговори дека може ќе прави, но може и да не прави.
„Фокус“ веќе објави дека уште пред да поминат измените на Кривичниот законик, функционери на ДУИ брифираа дека лидерот Али Ахмети ги уверувал оти води преговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека работи на враќање на Груевски. За реализација на овој план, нашите извори споменуваа одлука на Врховниот суд.
Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?
Неделникот „Фокус“ пишуваше дека тој нема намера ниту амбиции директно да се вклучи во политичкиот живот. Неговата основна цел е да се врати рехабилитиран, да докаже дека бил во право, да не влезе во историјата како бегалец од правдата и осуден криминалец.
Но, тоа не значи дека нема и политички да дејствува од заднина. Сепак, доколку власта процени, одлучи и успее да го врати Груевски пред избори, со цел директно да се вклучи во врбување на пратеници, но и во изборниот процес, тогаш повеќе од сигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го исклучи од членство.
Тогаш, ќе му остане можноста да дејствува преку друга постоечка партија/коалиција или преку некоја нова ВМРО-Народна, како што своевремено направи првиот вмровски лидер Љубчо Георгиевски. Имено, после расколот во партијата, Груевски ја доби битката за печатот, па се формираше ВМРО-НП, каде се пресели Георгиевски.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски