„Ние сме склони секогаш да направиме циркус за да се направи голема галама, а кога станува збор за членот 353 од Кривичниот законик со години се зборува да се тргне затоа што е класичен политички член со кој можете да осудите кого било што ви е политички опонент. Затоа и ЕУ сака да се тргне тој член. Никој не бега од одговорност, но одговорноста треба да се лоцира. Ваков член имаме само ние и Србија“.
Ова денеска во гостување на тв24 го изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Јакимовски рече дека „службеникот е заштитен како мечка од планина, а кај него е одговорноста да ги завршува работите. Кај нас се осудуваат функционерите кои немаат директна врска со спроведување на предметите. Излегува дека најголемо зло кај нас се политичарите. А видовме многу други случаи на луѓе кои не се функционери а кои земале многу пари за проекти. Функционери лежат затвор за командна одговорност и тоа не е во ред“.
Јакимовски вели дека членот 353 ги овозможи политички мотивираните процеси.
„Професорката Силјановска бара повисоки казни, ама зошто не побара поголема казна за професорите кои беа осудени на две години кои со децении злоупотребувале девојчиња и им го уништиле целиот живот?“ – вели Јакимовски.