Јакимовски е за зголемување на платите: Ако сакаме држава, таа држава кошта

by Fokus

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја поддржа одлуката што ја донел Уставниот суд, а со која се укинуваат два члена од Законот за плати и надоемстоци на функционери, што доведува до зголемување на функционерските плати дури за 78 отсто. Според Јакимовски, Уставниот суд донел правна одлука која, вели, треба да се почитува. Тој праша зошто до сега секоја година не биле усогласувани платите на функционерите.

-Сега наеднаш е усогласено и настанува револуција. Ако на овој народ не му требаат функционери, тогаш што ќе ни е држава. Го слушнав претседателот на државата и тој повикува. На што повикуваш претседателе, на безаконие? Па има закон и точно се знае коефициентот по просечна плата. Клучното прашање е зошто до сега сите овие години не е усогласувана платата како што е утврдено со закон – рече Јакимовски во Само вистина на Канал 5.

Тој повика да се направи споредба со платите на функционери од Косово и Албанија. Според Јакимовски некој не треба да одговара поради драстичното зголемување на платите, туку поради тоа што платите на фунцкионерите не биле зголемувани етапно секоја година.

-Дали е во ред ние Македонците да имаме држава, ако имаме држава таа држава кошта. За мене не е битно дали ќе ми се зголеми платата или не, зборувам приципиелно. Не уби тој пусти популизам и додворување на народот. Беззаконие е сега да го намалуваме коефициентот. Најмалку се битни тие 20.000-30.000 денари, туку треба закон да се почитува – порача тој.

На прашање колку ќе изнесува неговата плата сега, Јакимовски рече:

-Не знам колку ќе изнесува мојата плата сега, коефициент плус просечна плата, тоа е законот – одговори кусо.

 

Поврзани новости