Закани кон децата на Мицкоски, тој вели дека е навикнат

by Fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не го плашат заканите кои корисник на социјалната мрежа Фејсбук ги упати до неговото семејство и неговите деца. Мицкоски вели дека е навикнат на ваков вид закани и дека нема намера да ги пријави во полиција.

-Навикнат сум на таков тип на закани петта година по ред и не е тоа нешто ново да мене ми се случува и на моето семејство, и тие се навикнуваат веќе на ваквите закани. Тоа е амбиентот во кој живееме во Македонија – изјави Мицкоски.

Заканите кон семејството на Мицкоски доаѓаат од фејсбук профил под името Роберт Типчето.
„Една порака до Христијан Мицкоски ако му е мила фамилијата и децата нека седи мирен во спротивно неговите деца ќе завршат во некој ендек како кучијна мувите ќе ги плуќаат!!“, стои во пораката.

Мицкоски денеска изјави дека ќе продолжи да се движи слободно бидејќи не се чувствува дека на некој нешто му погрешил за да биде исплашен.

-Не сум пријавил во полиција и немам намера да пријавувам. Сум кажал многу пати во минатото дека јас сум единствен претседател на партија кој од државата нема обезбедување и покрај тоа што има загрозена безбедност, но сега нема да го прифатам и да ми го даде Спасовски или Зарко од агенцијата за национална безбедност – рече Мицкоски.

Поврзани новости