Кандидатот за претседател и градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски најави дека ако стане претседател, најголема поддршка ќе добијат младите лекари.
„Поготово специјализантите коишто навистина во Република Македонија не наоѓаат на разбирање токму од здравствените власти и од Владата. И можете да замислите еден специјализант кој специјализира шест години да биде без здравствено осигурување, а токму да работи во здравствениот сектор.
Тоа е апсолутно недозволиво. Здравствените работници, поготово младите луѓе, не смееме веќе да дозволиме ниту еден млад лекар да се отсели од Република Македонија! Тие треба да добиваат, за време на специјализацијата, пристојна плата, за време на обуките коишто ги имаат, за да тие потоа го преземат теретот на здравството на Република
Македонија“ рече Јакимовски.
Тој инсистира, придонесот за здравствено осигурување да се врати на 13%.
„Тоа значи дека ќе имаме средства доволно и за покачување на платите во здравството и за обезбедување на материјални услови и за специјализација и за праќање во странство на здравствените работници, како и она што е најбитно, за набавка на нова опрема и усовршување на нови методи, инвазивни и неинвазивни методи за лечење на пациентите, како би можеле во што пократок рок повторно да се вратат во функционална способност, односно да се вратат луѓето на своите работни места.
Исто така, упатувам најсериозна критика до оние што се крајно неспособни да 15 години се договараат да изградат клиничка болница и не можат да се договорат за процентите. Најсериозна критика затоа што десет години не можеме да ја изградиме клиничката болница во Штип, тоа се најсериозни критики што треба да ги имаат едни здравствени власти и
згора на тоа уште бараат повторно поддршка од граѓаните за да продолжат со својата неспособност и неработење“ вели тој.
Јакимовски предлага да се изгради болница по НАТО-стандарди и да стане регионална НАТО-болница во којашто ќе добиеме логистика, во којашто ќе добиеме опрема, во којашто ќе добиваат луѓето специјализации и во којашто ќе има и ќе може да се лечи комплетно безбедносниот сектор, во исто време таа болница ќе внесува нови знаења и ќе носи приходи.