Уште странски државјани се подготвуваат денеска да излезат од Газа преку граничниот премин Рафа, додека Хамас тврди дека најмалку 195 Палестинци загинале во завчерашниот израелски воздушен напад на бегалскиот камп Џабалија, а уште 120 се водат како исчезнати.
Државјани на САД, Велика Британија, Бугарија, Чешка, Финска, Јапонија и Австралија се меѓу 320 странци кои вчера беа евакуирани од Газа во Египет, заедно со 70-ина ранети Палестинци. Властите на Газа кажаа дека граничниот премин ќе биде отворен и денеска и се очекува во Египет да преминат околу 500 луѓе. Според дипломатски извори, во следните две недели од Газа треба да излезат околу 7.500 луѓе со пасоши на други држави.
Во исто време, израелската војска продолжува со својата жестока копнена офанзива и тврди дека ја пробила првата линија на одбраната на Хамас.„
Израелските одбранбени сили напредуваа длабоко во Газа и сега се пред портите на градот Газа. Во ноќешните операции се убиени десетици терористи“, изјави заповедникот на 162. дивизија на ИДФ, генералот Ицик Коен.
Министерот за одбрана Јоав Галант кажа дека Израел исфрлил над 10.000 парчиња муниција само на градот Газа од почетокот на конфликтот, додека израелската војска потврди дека 17-мина војници загинале од почетокот на копнената операција минатиот петок.