Ја испративме Сека од Струмица со две тегли слатко од смокви!

by fokus

Популарната балканска фолк пејачка Сека Алексиќ завчера гостуваше во клуб во Струмица. Дојде заедно со сопругот, по подолга пауза, и го наполни локалот со публика од сите краеви од земјава.

Нејзиното гостување беше во организација на естрадната менаџерка Даниела Пантева – Пантиќ, која за ,,Фокус” вели дека Алексиќ си заминала во Србија преполна со позитивни впечатоци.

-Сека секогаш успева да одработи професионално и да ја остави публиката задоволна од настапите. Тоа се случи и во Струмица, повеќе од два часа, без пауза траеше забавата на која ги отпеа сите хитови.

Заедно со неа беше и нејзиниот сопруг Вељко, кој и најголема поддршка. И покрај тоа што е доста популарна во регионот, таа е една едноставна и спонтана личност, љубезна со сите, и радосна поради топлиот дочек во земјава – раскажува Пантиќ.

Вели дека наредниот ден, по настапот Сека сакала да го проба прочуеното јагнешко печење во ресторанот ,,Јавор” во Мрзенци.

-Традиција е кога доаѓаат гости од Србија, да посакаат да го пробаат специјалитетот на ресторан ,,Јавор”. Сека и Вељко доста слушале за местото, кое е познато ширум Балканот, па не се изненадивме кога поголемиот дел од гостите беа баш од Србија, кои тргнале или се враќаат од Грција.

Но, освен што го пофали јагнешкото, таа се воодушеви и од познатиот специјалитет, слатко од диви смокви. Многу и се допадна, па ја испративме назад во Белград со две тегли слатко. Утринава се јави, слаткото од смокви го пробале и нејзини колешки од Србија, сите порачаа по некоја тегла да им однесам – се смее менаџерката, која денес го организира настапот на Мирза Селимовиќ на Градски базен во Кавадарци.

Изминатиот период, по разлабавувањето на мерките поради вирусот, голем број на музички ѕвезди од соседството одржаа концерти кај нас. Гостуваат во клубови, на базени или пак во античките театри во Битола и Охрид.

Вики Клинчарова

Поврзани новости