Извештајот за АКМИСОТ по еден месец „патување“ стигна во Обвинителството

by fokus

Извештајот за АКМИС системот, во кој директно се посочува дека во Кривичниот и Врховниот суд, наместо електронски се делеле предмети и на рака, пред неколку дена конечно пристигнал во Основното јавно обвинителство. Извештајот од Министерството за правда до обвинителството патуваше повеќе од еден месец, бидејќи бил испратен веднаш по јавната презентација, на 7 декември.

-Извештајот пристигна пред неколку дена и по него веќе се постапува, ни одговорија од Обвинителството, напоменувајќи дека во овој момент само толку можат да кажат.

Групата предводена од судијата Лазар Нанев при проверките на функционалноста на компјутерскиот систем за распоредување на судски предмети заклучи дека во скопскиот Кривичен и Врховен суд некои предмети биде делени по телефон и на рака. Во овој момент извештајот има статус на класифициран документ и истиот е означен со степен на доверливост, велат од Министерството за правда.

Со контролата на министерството беше опфатен периодот од 2015 и 2016 година, а тогаш на претседателкото столче во Кривичниот суд седеа Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев. Во Врховниот суд пак во тој период беа Снежана Бајлозова, Лидија Неделкова и актуелниот претседател Јово Вангеловски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости