Обвинувањата од „Санте плус“ за Инспекторатот се притисок врз нивната работа

by fokus

Државниот санитарен и здравствен инспекторат реагира по обвинувањата од болницата „Санте плус“, дека неговите соопштенија се тенденциозни и субјективни со што се нарушува нивната репутација. Препукувањето меѓу приватната болница и Инспекторатот следи откако ДСЗИ констатираше недостатоци во работата на „Санте плус“ по извршениот инспекциски надзор, откако во болницата почина родилка од Кичево.

Од Инспекторатот велат дека неговите постапувања се исклучиво согласно закон и законските надлежности. Ги отфрлаат како манипулативни обвиненијата дека има за цел да ја наруши репутацијата на приватната болница. ДСЗИ, посочуваат, нема намера да нарушува ничија репутација, но сигурно и понатаму ќе ја врши својата должност пропишана со закон.

„Реакциите со кои се коментираат соопштенијата и постапувањето на ДСЗИ и претставувањето дека некој е оштетен и жртва, ги сметаме за вршење директен притисок врз работата на Инспекторатот. Со оглед дека се уште не е завршен инспекцискиот надзор, како и стручниот надзор, би замолиле за воздржување од произволни коментари и притоа напоменуваме дека ништо нема да влијае на утврдувањето на фактичката состојба, а кое е во интерес на сите граѓани“ – стои во соопштението.

Од ДСЗИ наведуваат дека нема понатаму преку медиумите да полемизираат во врска со предметот, туку по завршување на надзорот од страна на ДСЗИ, како и по завршување на работата на Комисијата за стручен надзор формирана од страна на министерот за здравство, ќе излезат со конечна изјава во врска со случајот.

Поврзани новости